Столтенберг: Подготвени сме да ве пречекаме во НАТО

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг рече дека НАТО е подготвен да ја прими Северна Македонија во семејството на НАТО и ја пофали земјата за покажаното лидерство во решавање на спорт со Грција. Тој кажа дека договорот од Преспа треба да биде модел по кој ќе се решаваат отворените прашања на Балканот и на тој начин да не се дозволи минатото да ја уништи иднината.

 

„Северна Македонија веќе спроведе значајни реформи во делот на владеење на правото, безбедноста и разузнавањето, а нивната реализација треба да продолжи и тука сме да ви помогнеме. Го зголемивте буџетот за одбрана, изминатата година имаше зголемување на странските инвестиции, а членството во НАТО ќе ја зајакне безбедноста и сигурноста на граѓаните и ќе овозможи просперитет“, рече Столтенберг.

 

Првиот човек на Алијансата нагласи дека откако сојузниците ќе го ратификуваат Протоколот, Северна Македонија ќе стане 30-та земја-членка на НАТО и дека по пристапувањето, земјата со својот глас ќе учествува во носењето на одлуките за НАТО.

 

„Истриски гледано, нашата политика на отворени врати се покажа како мошне успешна во зајакнувањето на трансатлантската безбедност и наскоро ќе бидете дел од тој успех. Го очекувам денот кога Северна Македонија ќе стане полноправна членка на НАТО“, порача Столтенберг.

 

Ова е прва посета на највисокото политичко тело на НАТО во земјава. Во текот на месецов, министерката за одбрана Радмила Шекеринска ќе присуствува на уште еден состанок на министри за одбрана во НАТО.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.