Почна „Одлучен удар”, најголемата вежба организирана досега во земјава

На армискиот пиолигон „Криволак” денеска почна теренската вежба „Одлучен удар” на кој ќе учествуваат околу 2.700 војници од земјава и од пет држави партнери во НАТО.

 

Вежбата ја отвори заменик министерот за одбрана Беким Максути, во присуство на в.д. амбасадорот на САД Микаела Швајцер-Блум и други гости.

 

„Одлучен удар е досега е најголема вежба која ја организира нашата армијата која вклучува и армии на уште пет сојузници – САД, Литванија, Албанија, Бугарија и Црна Гора и се случува во вистинско време, време во кое мојата држава е исклучително горда на постигнатото“, истакна Максути.

 

Тој истакна дека НАТО добива сојузник кој цврсто верува во нејзините вредности и кој знае да се бори за демократијата, слободата, еднаквоста и владеењето на правото, сојузник кој знае дека живеењето и применувањето на тие вредности е основата за развој на едно современо, демократско европско општество.

 

Американскиот в.д. амбасадор во земјава Микаела Швајцер-Блум изјави дека оваа вежба докажува дека Македонија е подготвена да работи во соработка со сојузничките војски на НАТО и дека веќе придонесува за Алијансата.

 

„Додека се подготвуваме да и посакаме добредојде на Северна Македонија како 30 членка на НАТО, пригодно е што одлучен удар се случува овде на Криволак. Оваа вежба е моќен пример за тоа како вашите воени сили се подготвуваат да станат сила во НАТО. Подготвена да работи со сојузничките војски на НАТО и да се справува со идните закани. Вежбата исто така е доказ дека Северна Македонија веќе придонесува во Алијансата“, потенцира Швајцер-Блум.

 

Ова е досега и најголема и најсложена воена вежба чиј домаќин е земјава. На вежбата трупите од шест земји ќе треба заедно да изведуваат операции на здружени копнени и воздухопловни сили, комбинирани операции на конвенционална војска и специјални сили и борбени операции во урбан терен.

 

„Цел на вежбата е да обезбеди синхронизација на расположливите сили и капацитети и потврда на тактиките, техниките и процедурите за координирани конвенционални операции и здружени и комбинирани операции во урбана средина, во различни временски услови и во исто време да го зголеми нивото на интероперативност и интеграција како помеѓу конвенционалните, така и помеѓу силите за специјални операции на партнерските земји, потврдувајќи го нивото на борбена готовност и ставајќи ја на тест способноста на логистичката поддршка за интензивна одржливост на операции со висок интензитет“, претходно најави АРМ.

 

На „Одлучен удар“ ќе учествува компонента од конвенционални сили со два баталјони механизирана пешадија на АРМ, два баталјони од 56. Страјкер-бригада на Националната гарда на Пенсилванија, опремена со оклопни возила „страјкер“, артилериска батерија од Црна Гора и артилерци од Литванија и македонски и американски хеликоптери.

 

Во борбената група за специјални операции ќе бидат вклучени тимови од специјалните сили на АРМ, „зелени беретки“ од 19. Група на специјални сили од Националната гарда на САД и тимови од специјалните сили на Албанија и Бугарија.

 

На вежбата ќе има 26 настани, 96 задачи и 13 тактички вежби со боево гаѓање со пешадиско оружје, артилерија и хеликоптери.

 

За време на вежбата, македонските и американските војници ќе имаат отворени денови со презентација на вооружувањето во осум градови:

 

  • 8 Јуни 2019 Гевгелија;
  • 11 Јуни 2019 Свети Николе;
  • 15 Јуни 2019 Кавадарци;
  • 26 Јуни 2019 Радовиш и Струмица;
  • 29 Јуни 2019 Битола;
  • 1 Јули 2019 Гостивар;
  • 5 Јули 2019 Скопје.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien