Пуштен во употреба новиот автопат Миладиновци- Штип

Новиот автопат Миладиновци – Штип, започнат да се гради во 2014 година, денеска е пуштен за сообраќај во двата правци. Делницата е долга 47 километри, а со неа патувањето до Штип се крати за половина час.

 

Автопатот во кој беа вложени над 200 милиони евра е широк 27,4 метри, има четири ленти од 3,75 метри и две ленти за застанување од 2,5 метри. Проектираната брзина е 130 километри на час.

 

По должината на автопатот има седум клучки. Делницата почнува после клучката Миладиновци, која има девет нови крака, долга е 1,5 километри и се спојува со коридорите 8 и 10. Последната клучка на автопатот е „Три чешми“,  каде ќе има спојување со новиот експресен пат во изградба Штип-Кочани.

 

Долж автопатот е поставена челична одбојна ограда, мрежа за заштита од животни, оптички кабел, звучни бариери, службени премини.

 

Изградбата на автопатот ја почна претходната Влада, во февруари 2014 година и според проектот и плановите тој требаше да биде готов до март 2017 година. По промената на власта надлежните институции соопштија дека има бројни пропусти во изградбата и незавршени активности, по што беа склучени два анекса на Договорот за изградба со изведувачот кинески „Синохидро“.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.