Зиддојче цајтунг: „Не“ од Меркел за брз датум за преговори за Северна Македонија

Германската канцеларка Ангела Меркел се изјаснила негативно по желбата на Европската комисија за брзо давање датум за преговори на Северна Македонија за приклучување во Унијата, пренесува „Дојче Веле“, повикувајќи се на германскиот весник „Зиддојче цајтунг“.

 

Во него се открива дека на седница на Комисијата за европска политика на Бундестагот, канцеларката Ангела Меркел ставила јасно до знаење дека одлука за датумот за преговори на Северна Македонија за приклучување во Европската унија би можело да се донесе „најрано во октомври“.

 

„Со тоа, канцеларката застана јасно наспроти својот коалициски партнер – СПД, која се залага за гласање во Европскиот совет веќе на 18 јуни. Државниот министер Михаел Рот од СПД во Комисијата за европска политика во вторникот категорично се залагал за почеток на преговори за приклучување, но не наишол на ‘отворни уши’ кај ЦДУ и ЦСУ. Македонија постигна согласност со Грција за промена на името, меѓу другото и за да го отвори патот за преговори за приклучување во ЕУ“, пишува денеска влијателниот „Зиддојче цајтунг“.

 

Евроинтеграцијата на Северна Македонија вчера предизвика жестока полемика и на пленарната седница на Бундестагот, која всушност беше посветена на ратификацијата на протоколот за членство на РСМ во НАТО. Пратениците со мнозинство гласови се изјаснија за прием на РСМ во алијансата, но во дебатата се препукуваа околу датумот за преговори за приклучување во ЕУ.

 

Критикувајќи ја таквата политика, пратеникот на опозициските Зелени, Јирген Тритин праша дали некој сака Северна Македонија да влезе само во НАТО, но не и во ЕУ, и дали нејзините граѓани треба да се третираат како „Европејци од втора класа”.

 

Извор: Дојче Веле

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien