Уапсен Јахи Јахија, државен секретар во Министерството за информатичко општество и администрација

Државниот секретар во Министерството за информатичко општество и администрација Јахи Јахија е уапсен по налог на надлежен јавен обвинител од Јавното обвинителство за организран криминал и корупација. Тој, според првичните информации, се сомничи за злоупотреба на службената положба и овластување.

 

Јахија, заедно со поранешен раководител на одделение во министерството се сомничат за примање поткуп при избор на компанија за спроведување на проект финансиран од ИПА фондовите. Италијанска фирма од јуни 2014 до август 2015 година во три наврати на осомничените им платила патувања во странство кои изнесувале 7.000 евра со цел пристап до доверливите тендерски информации.

 

Со тоа, според соопштението, осомничените овозможиле италијанската фирма да биде избрана на тендерот и да го спроведува ИПА проектот за што бил склучен договор во вредност од 1.096.900 евра. Според наводите во истрагата, како награда првоосомничениот во два наврати примил 37.930 евра, а второосомничениот примил 2.500 евра.

 

Надлежниот обвинител побарал притвор за Јахија, а второосомничениот во моментот не се наоѓа во државата. Акцијата е спроведена во координација со италијанското обвинителство од Милано и со поддршка на „ОЛАФ“ и „ЕУРОПРАВДА“.

 

Полицијата извршила пет симултани претреси во Скопје и Куманово од кои во две правни лица и едно министерство, како и во осум правни лица во Италија. Притоа Министерството за внатрешни работи привремено одзеде повеќе од десет компјутери (десктоп и лап-топ компјутери), УСБ и микро СД мемориски картички, мобилни телефони, таблети, два пиштола, парични средства и обемна службена документација.

 

Инаку Јахиу од 2001 година работи во агенцијата за администрација, а од 2011 година ја извршуива сегашната функција државен секретар во министерството. Исто така, ова не е прв пат Јахиу да биде во судир со заканот. Тој во 2005 година  е пријавен за изброни нерегуларности, односно кршење на гласачки кутии, но наредната 2006 делото е преквалификувано во поблаго и тој е осуден на парична казна.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.