Туск: Македонија направи сè, сега треба да почека

Северна Македонија направи сè што треба и сè што се очекуваше од неа и местото ѝ е во Европската Унија, изјави претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, на заедничката прес-конференција со претседателот Стево Пендаровски, во Брисел.

 

Сепак Туск дополни дека сите членки не се навистина подготвени да донесат одлука која ќе го отпочне стартот на преговорите за влез во Европската Унија.Тој исто така рече дека постигнувањето консензус помеѓу 28-те земји знае да потрае и дека треба да се бидеме трпеливи и внимателни, пренесува „Асошиејтед прес“.

 

„Вие сторивте сѐ што се очекуваше од вас. Но, не се сите подготвени да донесат одлука со цел отпочнување на преговори во наредните денови. Прашањето денеска не е дали, туку кога. Малце сум внимателен, бидејќи понекогаш постигнувањето конзензус помеѓу 28 земји знае да трае подолго отколку што би сакал“, изјави Туск.

 

Претседателот на Европскиот совет, меѓутоа, ја пофали Македонија за сработеното во последните две години, со цел тргнување на патот кон станување дел од европското семејство.

 

Пендаровски изјави дека во јуни Европската Унија има историска можност да покаже лидерство и визија за иднината на нашиот регион со тоа што ќе ѝ додели датум за преговори на Северна Македонија.

 

„Граѓаните на Северна Македонија не бараат незаслужена награда, туку заслужена шанса за изградба на европска држава со праведно, хумано и напредно општество“, рече Пендаровски.

 

Претседателот Пендаровски додаде дека сме свесни дека постојат слабости, дека се потребни уште реформи и уште многу работа, но истакна дека сме најефикасни кога пред нас постојат задачи, а преговорите за членство се најдобрата реформска алатка.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.