ВИДЕО – Граѓанските организации бараат нивно вклучување во стратегиите за развој на руралните средини – се одржа првиот Национален рурален парламент во Македонија

Во Крушево денеска се одржа првиот Национален рурален парламент во Македонија, како завршен дел од проектот во кој се вклучени 80 невладини организации и кој се имплементираше 3 години. Целта на Руралниот парламент е државата активно да ги вклучи граѓанските здруженија во донесувањето на стратегии за развој на руралните средини. Денеска до Министерството за земоделство ќе биде доставен и т.н. Манифест со главните приоритети и насоки на кои според граѓанскиот сектор треба да се насочи државата.

 

 

„Целта е да ги вклучиме овие организации кои можат да бидат помош околу креирањето на политиките, бидејќи државата не може да стигне до приоритетите во секоја Општина, секој Плански регион има различен приоритет и токму затоа граѓанските организации можат да бидат добар партнер на државата која што е креатор на политиките“, истакна Анела Ставревска Панајотова, директор на ЦНВП.

 

Граѓанскиот сектор се надева дека Владата ќе ги прифати сите нивни забелешки како до подобар развој на руралните средини. Како што се руралниот туризам, производството на здрава храна, обновлииви извори на енергија, производство на био маса, дигитализација и модернизација на руралните средини и други.

 

„Се надеваме дека во иднина ќе се вклучи и Министерството за земоделство во заедничка организација на Националниот рурален парламент бидејќи само со обединет пристап на граѓанскиот сектор и националните власти може заеднички да се придоне за подобрување на животот во руралните средини“, изјави Петар Ѓоргиевски, претседател на Мрежата за рурален развој на Македонија.

 

Oрганизатори на настанот се Мрежата за рурален развој на РМ, ЦНВП – Организација за поврзување на природни вредности и луѓе и AKРРA – Акција за рурален развој.

 

„Денеска ќе отвориме доста прашања кои ги тангираат граѓаните на Општина Крушево во сите населени места, што е приоритет и што треба да се превземе. Како треба да се отворат Фондовите од централната власт но и останатите Фондови од надвор“, додаде Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

 

Ова е прв Национален рурален парламент, a според организаторите во иднина ќе имало и други вакви средби за проблемите кои треба да се решаваат во руралните средини.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.