На денешен ден точно пред една година во Нивици беше потпишан историскиот Преспански договор со кој се стави крај на проблемот со името и се отвори патот на земјава кон НАТО и ЕУ. Пред една година целото внимание на домашната и меѓународната јавност беше насочено кон брегот на Преспанското езеро, кога македонскиот и грчкиот министер за надворешни работи ставија потпис на договорот за крај на меѓусоседскиот спор со кој Република Македонија стана Република Северна Македонија.
Една година по Договорот од Преспа, влегувањето во НАТО е извесно, датумот за ЕУ останува неизвесен, а неизвесна е и иднината на владеачките партии и во двете земји, со оглед на најавените реконструкции во Скопје, но и предвремените избори во Грција.
Една година потоа, премиерот Заев вели дека новото пријателство со Грија вредело. Придобивки очекува со отворање на вратите на НАТО алијансата и Европската Унија.
Годишнината од договорот ја одбележаа и потписниците на спогодбата. „Една година, мој пријателе, Никола Димитров.“ – напиша сега веќе поранешниот шеф на грчката дипломатија Коѕијас, а набрзо доби одговор од неговиот колега Димитров – „Направивме историја, размислувајќи за иднината, мој пријателе!”
Договорот стави крај на деценискиот меѓудржавен спор, но остави отворени бројни прашања во државите-потписнички. Голем дел од граѓаните на двете држави исто така не го поддржуваат постигнатиот договор. Значителен дел од македонските граѓани не се согласуваат со примената на новото име и се чувствуваат изманипулирани ( исто и во Грција ), другиот дел од граѓаните пак не гледаат никаков проблем во употреба на уставното име кое произлезе од Преспанскиот договор, а за дел од нив, придавката “Северна” е само политичко прашање.
За разлика од мешаните чувства и реакции во двете земји, Преспанскиот договор едногласно беше поздравен од целата меѓународната јавност.