ВИДЕО – Прилепчанец моли да го згрижат институциите, живее со отворена рана на ногата

Прилепчанецот Борис Мирчески 2,5 месеци живее со отворена рана на ногата. Поради тоа стапалото комплетно му поцрнело. Во станот од ногата се шири неподнослива миризба. Поради тоа што е неподвижен физиолошките потреби ги извршува во креветот што дополнително придонесува за страшните нехигиенски услови во кои живее. Со него живее и синот Александар. Ниту Александар ниту татко му не знаат зошто и како тој ја добил гангрена на ногата. Александар незнае зошто лекарите дозволиле ситуацијата толку да се искомплицира.

 

 

„Не обвинувам никого, ама ние не сме доктори. Требаше докторите да се заангажираат ако можеше да не дојде до овој степен, во овие 2,5 месеци 5 пати дојдоа доктори. Не велам дека се криви, ама ако тие неможат јас што можам. Ни велеа дека ќе помини, кога ќе дојдеа ќе го исчистеа, ќе му дадеа нешто и велеа ќе помини“, рече Александар Мирчески, син на Борис Мирчески.

 

Синот на Борис вели дека неможе повеќе да издржи вака да живее во вакви услови во кои и тој ќе се разболи.

 

„Не може ниту да стои, го боли ногата, тука оди по нужда, па фрлам, па мириса, бактерии има полно од мокрачата насекаде. Цело време е отворена вратата од станот“, истакна синот на Борис.

 

„Тука јадам, тука нуждам, сакам да дојдат лекарите да ме излекуваат тие знаат како“, рече Борис Мирчески.

 

Мирчески живеат само со социјална помош, понекогаш Александар собирал и пластични шишиња, а Борис скоро секој ден пита. Иако немаат скоро ништо, скромно велат барем имаме за јадење. Сега само бараат помош за хоспитализација.

 

„Се снајдуваме, не јадиме многу, шуќур што не јадиме многу инаку има луѓе кои имаат големи потреби, ние немаме толкави. Бараме помош да дојдат доктори да го изнесат човекот и да се спаси барем тоа што можи“, вели Александар.

 

Од прилепската болница рекоа дека одлука за хоспитализација и операција на ваков пациент можел да донеси само директорот, но тој бил на одмор. Од Здравствениот дом, под чија надлежност е Итната помош, изјавија дека за да постапат тие, барање требало да добијат од Центарот за социјална работа. Се обративме и во Центарот за социјална работа каде исто така директорот е на одмор и немаат одговор што понатаму. Но времето не е сојузник на Мирчески. Доколку државата итно не реагира во прашање се доведува неговиот живот.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien