На Министерскиот совет написмено добивме правно формална гаранција дека не подоцна од октомври ќе добиеме датум за почеток на преговорите. Нема можност да се донесе ваква одлука без сите земји да бидат согласни што значи дека има консензуална одлука, порача денеска премиерот Зоран Заев.
„Заклучокот е сериозна порака и апсолутна гаранција која мене ми беше неопходна, а верувам и на сите граѓани. Разбирам дека имаше избори за Европскиот парламент и дека на секој Парламент му е потребно соодветно време за доставување материјали за да ги разгледаат и да донесат одлука. Го разбирам Бундестагот и другитте парламенти за оваа работа, но важно беше да добиеме заклучок кој е сериозна гаранција за сите нас. Верувам дека утре или задутре ќе биде потврден и од Европскиот совет и октомври да биде октомври“, рече Заев во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Тој посочи дека сите позитивно се изјасниле за Република Северна Македонија, имаме безусловена препорака, 100-процентно блескав извештај, целосно завршување на таргетот за реформите што го добивме, реализирани се Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство со Бугарија,….
„Нашите очекувања се до декември да се отворат поглавјата и да почнат преговорите со ЕУ. Подобра гаранција за нас ќе беше доколку датумот се случеше во јуни, но ваквиот заклучок гарантира дека тоа ќе се случи во октомври и верувам дека тоа е порака за сите нас сериозно да работиме и да продолжиме со реформите за унапредување на севкупните перформанси на нашата земја“, рече Заев.