ВИДЕО – Јанески : ВМРО-ДПМНЕ да се извини за лагите околу пречистителната станица, ајде заедно да го провериме видео надзорот

Во минатиот петок општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ имаше прес конференција на која пласираше нова невистина, овој пат поврзано со работењето на пречистителната станица. Во отсуство на инвентивност, вистинска идеја како да бидат коректор на власта во насока на подобрување на животот на граѓаните, општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп решил да го темели своето политичко дејствување базирано на лаги и манипулации со граѓаните. Истакна на денешната прес конференција директорот на ЈКП „Водовод и Канализација“ Прилеп, Емил Јанески.

 

 

Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.

 

„Имено се наоѓаме пред сушните полиња во кои што се таложи вишокот на тиња. Ако погледнете сите полиња се скоро полни и во нив има повеќе од 400 метри кубни тиња. Ако се има во предвид дека вишокот од пречистителната станица е во последните 5 месеци и дека вработените во пречистителната станица просечно од никантерот вадат и таложат во сушните полиња 70-80 метри кубни, ќе стани јасно дека сета тиња што останува како вишок се наоѓа зад нас во сушните полиња.

 

Дополнително сакам да кажам дека пречистителната станица има 24 часа видео надзор. Од тие причини го повикувам координаторот или претседателот на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Петар Ристески, заедно со мене во ваше присуство да ги изгледаме видео снимките и да констатираме дали има било какво незаконито делување на вработените од пречистителната станица. Ако се испостави дека ВМРО-ДПМНЕ лаже, а лаже, најмалку што очекувам е господинот Петар Ристески да им се извини на граѓаните на Прилеп.

 

Истовремено упатувам апел до општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ако имаат било каква сугестија поврзана со дејноста и работењето на ЈКП, кое ќе значи унапредување на услугите кон граѓаните слободно да се обратат до мене или до било кој од менаџерскиот тим од ЈКП „Водовод и канализација“, ние им стоиме на располагање да ги сослушаме. Ако исто така имаат било какво прашање поврзано со работењето на ЈКП, слободно можат пак да ни се обратат и ние ќе им одговориме, а граѓаните се должни да ја знаат вистината. Се надевам дека ќе постапат вака, ако нивниот интерес е подобрување на животот на граѓаните на општина Прилеп. Ако нивниот интерес е да се служат повторно со лаги и манипулации, нивното дејствување од утре ќе биде исто како до денеска.

 

После ова, ЈКП „Комуналец“ треба да ја подигне истата и таа стопанисува со неа. Се носи на депонија, под посебни услови се складира. До сега имаат подигано од шахтите и дел од таложните полиња.

 

Им стојам на располагање да кажат кој тоа каде одлагал и им стојам на располагање да го видиме видео надзорот од камерите, 24 часа е покриена пречистителната станица, така да нема можност абсолутно ништо да се прави, а истото да остане неснимено или незабележано. И го повикувам Ристески во ваше присуство да ги погледнеме снимките.

 

70-80 метри кубни се одлага секој месец на таложните полиња. Вишок на тиња почна да има во последните 5 месеци и во овој момент има наталожено повеќе од 400 метри кубни.

 

Станицата е пуштена да функционира од мај, но за нејзино оптиматизирање потребно е да се собере одредено количество на тиња и со одржување во живот на микроорганизмите во тињата практично се одвива процесот на пречистување на урбаните отпадни води. Овде се суши тињата и потоа истата треба да ја подигне „Комуналец“ согласно позитивните законски обврски на нашата држава. Затоа и постои пречистителната станица, ние во реката испуштаме технички исправна вода. Целокупната фекалија, нечистотија од урбаните отпадни води се таложи овде на сушните полиња“, истакна Јанески.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien