Повеќе од половина од граѓаните или 51,3 проценти не ја одобруваат работата на Владата, наспроти 43,8 проценти кои ја одобруваат работата, покажува истражувањето за ставовите и довербата на граѓаните за работата на Владата на Агенцијата за истражување М-Проспект.
Истражувањето е по истек на две години од мандатот на Владата и покажува намалување на задоволството од работата на Владата споредено со резултатите од Истражувањето на една година од влада, спроведена во мај 2018 година, кога целосно или донекаде задоволни од работата на новата Влада биле 49 проценти од испитаниците, додека, воопшто или донекаде незадоволни 47,4 проценти од анкетираните.
Најмногу од испитанците 45 проценти ја одобруваат работата на Владата во надворешната политика, наспроти 51 отсто кои не ја одобруваат.
Работата на Владата во однос на економијата и отварањето нови работни места ја одобруваат 37.6 проценти, додека повеќе од половина од испитаниците 56 отсто не ја одобруваат.
Во борбата против корупцијата и криминалот работата на Владата ја одобруваат третина од испитаниците или 34.9 проценти, наспроти скоро две третини 59.2 проценти кои не ја одобруваат, покажуваат резултатите од анкетата.
На прашањето кој од министрите/министерствата имаат впечаток дека најдобро си ја вршат работата, најмногу од граѓаните 9,5 отсто како најдобро го оцениле Министерството за надворешни работи, следено од Министерството за труд и социјална политика, за кое 7,8 проценти од анкетираните рекле дека најдобро си ја извршува работата. Сепак речиси четвртина, односно 23.1 отсто немаат оформен став за ова прашање.
На прашањето кој од министрите/министерствата имаат впечаток дека најдобро си ја вршат работата, најмногу од граѓаните 16,8 проценти рекле дека тоа е Министерството за здравство и Министерството за економија за 6,3 отсто од испитаниците. Скоро петтина или 18,7 отсто од испитаниците немале мислење за ова прашање.
На прашањето за колку доверба имате во СЈО, повеќе од половина од испитаниците или 57.1 отсто рекле дека немаат доверба, наспроти 37.5 проценти кои имаат.
Анкетата е спроведена теренски на примерок од 1.000 испитаници постари од 18 години, на македонски и на албански јазик, во периодот од 15 мај до 7 јуни годинава.