Унгарија нема да го екстрадира Груевски, кој доби азил и има статус на бегалец

Поранешниот премиер, а сега азилант Никола Груевски нема да биде екстрадиран од Унгарија, бидејќи не биле исполнети условите за тоа, одлучи судот во Будимпешта на денешното рочиште.

 

Како што кажала судијката Ева Варежи по денешното рочиште, според унгарскиот закон, лице на кое му бил одобрен статус на бегалец не може да биде екстрадирано во земјата од која што избегало.

 

Груевски беше приведен од полицијата и донесен во судот во Будимпешта, каде што се појави со очила за сонце и безбол капче со раце покриени со палто, веројатно за да ги скрие лисиците. Рочиштето во судот се одвиваше зад затворени врати откако одбраната побарала медиумите да не бидат присутни на судењето.

 

Подоцна, по денешното судење Груевски се огласи на „Фејсбук“.

 

„Денеска спроведена е стандардна процедура на институциите во Унгарија откако криминалната и рекетарска влада во Македонија поднесе барање за екстрадиција. Судот денеска го разгледа барањето за екстрадиција и одлучи да не го прифати“, напиша Груевски на „Фејсбук“.

 

Унгарската канцеларија за имиграција и азил првично му одобри статус на бегалец на Груевски на 20 ноември 2018, а на 5 април 2019 ја потврди одлуката, која е конечна.

 

Македонија бараше екстрадиција за издржување на двегодишната затворска казна за набавката на мерцедесот во случајот на СЈО „Тенк“ и за настаните што се случија во Собранието на 27 април 2017 година, за што е осомничен дека бил организатор.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien