Груевски беше приведен од полицијата и донесен во судот во Будимпешта, каде што се појави со очила за сонце и безбол капче со раце покриени со палто, веројатно за да ги скрие лисиците. Рочиштето во судот се одвиваше зад затворени врати откако одбраната побарала медиумите да не бидат присутни на судењето.
Подоцна, по денешното судење Груевски се огласи на „Фејсбук“.
„Денеска спроведена е стандардна процедура на институциите во Унгарија откако криминалната и рекетарска влада во Македонија поднесе барање за екстрадиција. Судот денеска го разгледа барањето за екстрадиција и одлучи да не го прифати“, напиша Груевски на „Фејсбук“.
Унгарската канцеларија за имиграција и азил првично му одобри статус на бегалец на Груевски на 20 ноември 2018, а на 5 април 2019 ја потврди одлуката, која е конечна.
Македонија бараше екстрадиција за издржување на двегодишната затворска казна за набавката на мерцедесот во случајот на СЈО „Тенк“ и за настаните што се случија во Собранието на 27 април 2017 година, за што е осомничен дека бил организатор.