Охрид на дневен ред на комитетот за светско наследство на УНЕСКО

Делегација на Владата учествува на 43. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Баку, Азербејџан, на која ќе се дискутира за состојбата со природното и културното наследство во Охридскиот Регион, кој поради негрижа и игнорирање на проблемите од сите досегашни власти во изминатите три децении, е под закана да го изгубу статусот на заштитено светско наследство.

 

„За време на 43. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, Владата ќе го нагласи и афирмира ставот дека e комплетно посветенa на зачувување на статусот на светско културно наследство на Охридскиот Регион, кој не ѝ припаѓа само на Северна Македонија, туку на целиот свет“, соопштија од Владата.

 

Меѓутоa екологистите не се согласуваат со овој став на Владата, потсетувајќи дека уште во 2017 година Реактивната мисија на УНЕСКО нотираше голем број забелешки посебно потенцирајќи го проблемот со претераната урбанизација и дивоградбите во заштитените подрачја.

 

„Но наместо мораториум и ревизија на плановите како што бараше светската организација, од тогаш беа изградени стотици објекти, од кои голем дел се дивоградби“, потсетуваат екологистите.

 

Проблемот со дивоградбите го потенцираше и градоначалникот на Охрид Константин Георгиевски, кој истакна дека Општината има изработено катастар со преку 1.000 дивоградби, од кои фрапантни 409 се лоцирани во заштитниот појас.

 

Сепак, ставот на Георгиевски е дека нема веднаш да се постапува по тие случаи и секој предмет ќе биде разгледан поединечно.

 

„Напоменав и уште еднаш потенцирам дека ништо нема да се случи преку ноќ ниту пак ќе биде едноставен овој процес. Ги повикувам јавно, сите политички чинители, граѓанскиот сектор и медиумите активно да се вклучат во овој процес. Сите да си го одработиме тоа за што сме одговорни, затоа што во залог не е само Охрид туку и функционалноста на политичкиот систем во државата“, објави претходно Георгиевски.

 

Ваквиот став, според екологистите само докажува дека институциите немаат искрена намера да се справат со насилната и нелегална урбанизација која го доведе регионот на чекор до губење на статусот на светско заштитено наследство. Единствениот чекор според нив, со цел да се задржи статусот на заштитено светско наследство е силна и конкретна акција.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.