Почна примената на „Мој ДДВ“ – владиниот проект за поврат на ДДВ кај граѓаните

Фискалните сметки кои од денеска ќе ги добиваат граѓаните можат да бидат искористени за поврат на 15 проценти од платениот Данок на додадена вредност ( ДДВ ). Апликацијата „МојДДВ“ преку која граѓаните ќе можат да ги скенираат фискалните сметки за да можат да вратат 15% од износот на платениот ДДВ, од денеска е достапна за преземање преку Google Play Store платформата за апликации.

 

Првиот чекор е на вашиот смартфон да ја симнете апликацијата „МојДДВ“, која најлесно ќе ја најдете преку веб-страната на УЈП. Вториот предуслов е да  да сте регистрирани во системот на „Е-персонален данок“.

 

Откако ќе ги внесете корисничкото име и лозинката со која сте регистрирани, добивате посебен кориснички број, чии први четири цифри се внесуваат во следното поле за ПИН-код. Со ова го креиравте вашиот профил на кој како дополнителен податок треба да се вметне и бројот на трансакциската сметка.

 

За скенирање на бар-код, притискате на полето „Скенирај“. Откако ќе се активира задната камера, се доближува фискалната сметка и се отчитува бар-кодот. Скенирањето е успешно доколку се појави ново прозорче со информации за компанијата од каде е издадена фискалната сметка, прометот, времето и датумот на трансакцијата.

 

„МојДДВ“ во овој момент е достапна само за корисниците на смартфони кои користат Андроид оперативен систем, но не и за корисниците на смартфони кои имаат iOS или Windows Mobile оперативен систем.

 

Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, една од институциите кои се носители на овој владин проект, на денешната пресконференција информираше дека апликацијата за iOS оперативниот систем е изработена но сè уште чека на одобрување од платформата за апликации на Епл.

 

„Очекуваме во наредните денови апликацијата да биде достапна за преземање и од Apple Store, за корисниците на iOS оперативниот систем, бидејќи станува збор за мултинационална компанија која работи со посложени административни процедури при поставување на апликациите“, рече Лукаревска.

 

Од УЈП не соопштија дали се предвидува апликација и за Windows Mobile оперативниот систем.

 

Граѓаните кои не се регистрирани или немаат паметни телефони, може повратот на данокот да направат во 36 локации низ земјава, во канцелариите на УЈП. Поврат ќе се прави на фискални сметки до 30.000 денари и не постари од 10 дена.

 

За парите кои ќе се добијат како поврат на ДДВ граѓаните нема да плаќаат персонален данок. Првата исплата ќе биде во декември 2019 година директно на сметките на граѓаните, а потоа на секои три месеци, односно во февруари, мај, август и ноември.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.