Во тек е пријавувањето за социјални пензии за лицата без никакви приходи

Заинтересирани граѓани за остварување на правото на социјална пензија во висина од околу 6.000 денари веќе се обраќаат до центрите за социјални работи низ државата со цел да се информираат какви документи им се потребни за да можат да го остварат ова право. Надлежните во центрите велат дека интересот е голем, и оти во текот на овој месец се очекува граѓаните да ја комплетираат потртебната документација и да достават барања. Тогаш, велат тие, ќе треба да се знае бројката граѓани кои ќе можат да го остварат ова право, иако првично беше предвидено дека тоа би можеле да го остварат над 6.000.

 

„Во текот на изминатиот период има голем интерес од граѓаните за остварување на ова право. Тие доаѓаат во центрите за социјални работи да се информираат кои документи им се потребни за да може да го остварат ова право. Во текот на овој месец тие треба да ги комплетираат документите и да ги достават до центрите. Дури кон крајот на овој месец би можеле да имаме информации колку од граѓаните би можеле да го остварат ова право“, вели Наташа Станојевиќ директорка на Центар за социјални работи Скопје.

 

При донесувањето на законот Од Министерството за труд и социјална политика предвидеа дека со него би можеле да бидат опфатени околу 6.000 граѓани кои немаат други извори на егзистенција. Toj беше донесен на крајот на мај годинава. Според неговите одредби, право на надоместок имаат сите лица кои се државјани на Република Северна Македонија најмалку 15 години и не примаат старосна пензија, вклучувајќи ги и лицата без ден работен стаж.

 

За домаќинствата во кои и мажот и жената ги исполнуваат условите за користење на социјална сигурност, надоместокот ќе го користи само еден член бидејќи станува збор за право од социјалната заштита и не е поврзано со пензиското и инвалидското осигурување, појаснуваат од Министерството за труд и социјална политика.

 

Право на социјална сигурност за старите лица, граѓаните можат да остварат доколку немаат во сопственост имот и имотни права од кои може да се издржува, ако не е корисник на пензија од Република Северна Македонија или вид на исплата по основ на старост, инвалидност или доживување од друга држава и не остварило приходи по сите основи во последните три месеци пред поднесување на барањето.

 

Право на социјална пензија не може да оствари лице кое со решение на центарот за социјална работа е сместено подолго од 30 дена во установа за вон-семејна социјална заштита, здравствена или друга установа.

 

Корисникот на социјална пензија има право на паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството, за месеците од октомври до март.

 

На корисникот на правото на социјална сигурност за старите лица му се обезбедува и право на здравствена заштита, согласно со овој закон и прописите од областа на здравственото осигурување, доколку не може да се стекне со осигурување по друга основа.

 

Оваа пензија, е социјално право, нешто на што укажуваа и експертите, кои сметаа дека на таков начин тоа нема да биде дополнително оптоварување на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Меѓу експертската јавност има мислења дека со вака поставената рамка за социјалната пензија нема да ја подобри релативната сиромаштија, но оти апсолутната сиромаштија ќе ја искорени во целост помеѓу населението над 65 години.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien