За настанувањето на пожарот на депонијата во Алинци, ЈКП „Комуналец“ -Прилеп, ја извести јавноста уште истиот ден. За причините, гаснењето, санирањето од последиците и сите превземени активности околу пожарот, на последната седница на Совет на Општина Прилеп, беа запознати и советниците. Се вели во писмената реакција на ЈКП „Комуналец“ која доаѓа како одговор на прес конференцијата на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
Реакцијата ја пренесуваме во целост.
„Како што и предходно информиравме, непознати сторители подметнаа пожар на депонијата Алинци. Пламенот кој се закануваше да ја зафати целата депонија уште истата вечер е ставен под целосна контрола .
Во гаснењето на пожарот учествуваа вработени во Комуналец, со сета своја расположлива механизација и Територијалната противпожарна единица. Со крајна пожртвуваност на вработените и пожарникарите е спречена катастрофа од поголеми размери. Вакви пожари во одредени ситуации настанати и со самозапалување ни се случувале и порано .
Заради можноста од повторно запалување од ветровите кои постојано дуваат околу депонијата, дежурна екипа од Комуналец, со две цистерни и градежни машини и во моментов се на терен, и ги санира оштетувањата на депонијата.
Со цел заштита на животната средина, „Комуналец“ посветува особено внимание во правилно третирање на отпадот : собирање, селектирање и депонирање. Депонираниот отпад на депонијата Алинци се покрива со земја.
Во насока на спречување на појава на пожари, подобра заштитата на животната средина, а пред се заштита на здравјето на жителите на Општина Прилеп, апелираме за поголема граѓанска свест и одговорност до сите чинители во општинава“, велат од ЈКП „Комуналец“.