Партијата која за претседател на централната партиска Комисија за локална самоуправа го поставува осудениот екс градоначалник на Општина Прилеп, Марјан Ристески, нема кредибилитет да зборува за криминал, чесност и одговорност. Истакнаа во денешната писмена реакција од ОО СДСМ Прилеп која доаѓа по прес конференцијата на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
Реакцијата ја пренесуваме во целост.
„Се’ додека хидро – Мицкоски, е опкружен со криминалци и осуденици, на кои им ги доверува клучните партиски функции, ВМРО-ДПМНЕ нема да излезе од криминалната, профитерска и деструктивна матрица.
Јасно е дека во фокусот на Мицкоски и неговите локални координатори на Општински комитети, е исполнувањето на единствената задача која им е доверена од нивниот ментор од Будимпешта, а тоа е заштита на криминалот и криминалците во редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Но, од правдата бегање нема. Секој ќе одговара за злоупотребите на парите од граѓаните, почнувајќи од бегалецот Груевски, па се’ до екс градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески и неговиот тим директори на Јавните комуналните претпријатија за кои се водат серија постапки.
Граѓаните и чесните членови на ВМРО-ДПМНЕ, со право бараат оставки и одговорност од Марјан Ристески, како и од Петар Ристески, кој наместо да промовира политичка култура и идеи за напредок, влегува во физички пресметки и инциденти со свои сограѓани.
И додека ВМРО-ДПМНЕ од петни жили се става во одбрана на криминалците, СДСМ активно работи на подобрување на животот на граѓаните.
Реконструкцијата и проширувањето на мостот и целата улица „Трајко Николоски“, градскиот стадион „Гоце Делчев“ каде во полн ек се градежните зафати, како и комплетното реконструирање на градскиот булевар, се само дел од капиталните проекти, со кои ќе се гордеат сите прилепчани“, велат од ОО СДСМ Прилеп.