ВИДЕО – Жителите на прилепско Беловодица бараат од државата по 2 децении игнорирање конечно да им го доасфалтира патот од 2 км.

Повеќе од 20 години сите влади и политичари во Македонија ги лажат жителите на прилепското село Беловодица дека ќе им го доасфалтираат патот во должина од само 2 км. Жителите на шега велат по 100 метри годишно да асфалтираа досега патот ќе бил готов. Се чувствуваат комплетно заборавени од државата, со години се молеле, праќале петииции, но залудно.

 

 

„Ни одговорија дека Општина Прилеп не е надлежна за патот бидејќи се водел како региионален пат. Иницијативата беше потпишана од околу 300 луѓе, така што ние понатаму не знаеме што да направиме“, рече Зоран Тодески, жител на с. Беловодица.

 

Политичарите дури и дрско се однесувале со нив, велејќи им дека немале доволно гласови за да добијат асфалт.

 

„Кој политичари ги рачунаш во Македонија, немаме никаков аир од нив до ден денеска. Ни викаат што за 20 гласови сакате пат до Беловодица“, кажа Методија Мицески, жител на с. Беловодица.

 

Патот до Беловодица е со чакал, но со текот на годините тој се уништувал и сега на некои места има огромни камења. Дополнително го уништуваат и камионите кои носат мермер од рудникот каде се наоѓа познатото „Мермерно езеро“ веднаш над селото. Поради лошата состојба на патот велат дека не доаѓала ниту брза помош, а таксистите им земале двојно.

 

„Брза помош зимоска не сакаше да дојди ни велат немате пат. Таксистите кога ќе ги викнеме ја дуплираат тарифата бидејќи патот не ни чини. Ако чекаме на регионалниот пат Градско-Прилеп таму немаме паркинг за да застане возило да не качи и автобуси до тука немаме“, изјави Стеван Димитриоски, жител на с. Беловодица.

 

Денес селото брои само 20-тина постојани постари жители, но има голем број и повратници кои тука живеат преку лето. Повратниците направиле и големи куќи и викендици, но за жал велат дека и тие сега поретко доаѓаат поради лажните ветувања за патот. Наместо да се развива селото, тоа повторно изумира.

 

„Луѓето повеќе од патот бегаат. Кој дојди колата ќе му се искрши, му зафаќа одоздола, ниски се возилата има камења и заради тоа избегнуваат“, вели Киро Стојаноски, жител на с. Беловодица.

 

Жителите побараа државата по 2 децении да престане да си игра со нив и конечно да собере сили и да асфалтира пат од само 2 км.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи