Вистинска драма се одвивала утрово на планината Селечка кај Прилеп, над планинарскиот дом „Томе Темелкоски“, кај врвот „Чуле“. Според првичните информации две млади лица, момче и девојче, утрово околу 7.20 часот ја повикале полицијата од Прилеп и против пожарната екипа со дојава дека девојчето е повредено и дека неможат да слезат од планината. Според СВР Битола девојчето е од Прилеп, има 15 години и е со иницијали М.Д. Додека за момчето од полицијата не сакаат да дадат никакви информации.
Имено според информациите кои ние ги имаме двете деца цела ноќ ја поминале на планината на отворено во крајно екстремни временски услови, со силен ветар и дожд. Засега не се знае што тие барале на планината во текот на ноќта.
Од ТППЕ Прилеп по повикот веднаш интервенирале и стигнале на местото каде се наоѓале младите. Поради крајно непристапниот терен и неможноста да слезат од планината заедно со младите, пожарникарите повикале хеликоптер од Дирекцијата за заштита и спасување, по што девојчето е пренесено во Општата болница „Борка Талески“ во Прилеп.
Од болницата велат дека состојбата на девојчето е стабилна и таа се наоѓа надвор од животна опасност.
„Девојчето е донесено во свесна состојба. Од здравствените проблеми е констатирано само тоа дека има состојба на преладување, нема некои повреди на коски, глава и слично. Се работи за едно општо преладување на организмот. Согласно проблемите кои ги има превеземени се одредени медицински постапки кои се состојат во затоплување на телото, давање на витаминска и антибитоска терапија. Во моментов тоа е во стабилна состојба“, реча Драган Богоески, директор на Општа Болниица Прилеп.
Од СВР Битола велат дека случајот се обработува и дека повеќе информации се очекуваат утре.