Се надевам дека интегритетот на Специјалното јавно обвинителство нема да биде нарушен од можните сомненија, изјави обвинителката Ленче Ристевска на денешната прес конференција во врска со истрагата за рекет во која наводно е вмешана шефицата на СЈО, Катица Јанева, а во која вчера беа уапсени менаџерот на 1ТВ, Бојан Јовановски и Зоран Милески – Кичеец. Таа во име на целиот тим изрази подготвеност за истрагата.
„Уверуваме дека како обвинителски тим и како вработени постапуваме согласно законските прописи и сме се труделе да бидеме на ниво на задачата. Стоиме зад работата што сме ја завршиле до сега, сите постаки за кои имаме обвинителни акти не се доведени во прашање, нашето постапување било во рамки на законските прописи. Тој кој се огрешил пред законите мора да одговара. Сите се еднакви пред Уставот и законите. Стоиме на линија да се најде одговорност и лицата да одговараат“, рече Ристевска.
Ристевска рече дека во СЈО внимателно се следат случувањата и изразуваат голема загриженост за текот на настаните, но апелираат да се почитува начелото на презумпција на невиност. Иако одби директно да каже дали денешната прес-конференција е оградување на институцијата од Јанева, Ристоска во повеќе наврати повтори дека „дејствијата на поединци не го карактеризираат дејствувањето на целата институција“. Во СЈО немаат информација каде е Јанева, а Ристоска лично не контактирала со неа.
Таа додаде дека во моментов формално-правно шефица на СЈО останува Јанева, бидејќи оставката која ја даде вчера е со одложено дејство.
„Ние имаме земеници кои ја менуваат специјалната обвинителка во нејзино отсуство, обвинителството има кој да е одговорен и да ги раководи работите. Заменици сме јас и Елизабета Јосифовска“, рече Ристевска.