САД решија Турција да биде исклучена од воената програма за борбени авиони – „Ф35“ поради набавка на рускиот противракетен систем „С-400“. Белата куќа соопшти дека прифаќањето на Турција на руската понуда е спротивна на нејзините преземени обврски спрема НАТО.
Според информации од Белата куќа првата пратка на С-400 пристигнала во Турција. Делови од рускиот одбранбен систем биле доставени до воена база во близина на главниот град, Анкара, со што договорот, на кој Вашингтон се противеше, бил затворен.
Исклучувањето може да го искористи Русија, која испрати покана до Турција да почне преговори за набавка на рускиот борбен авион од 4++ генерација, „Сухој-35“. Повикот стигна од производителот Ростек и тоа само неколку часа откако Турција е изземена од американската програма за доставување на супер модерниот “невидлив“ американски ловец од 5 генерација, „Ф-35“.
Сепак мора да се потенцира дека Турција и финансиски придонесуваше на програмата „Ф-35“. Некои делови на авионите беа произведени во Турција, а турски пилоти беа во САД на обука за управување со овие авиони.
Тоа што Турција е исфрлена од „Ф-35“ програмата ќе има и економски последици. Турските претпријатија кои лиферуваа делови за борбените авиони ќе загубат важен извор на финансии. Се шпекулира дека Турција испорачувала речиси 900 делови за овој систем, односно станува збор за извоз вреден 12 милијарди долари. Истовремено се потенцира дека со ова ќе им бидат доведени во прашање работните места на над 30.000 луѓе.