Јас лично ќе му објаснам на помошникот државен секретар на САД, Филип Рикер, кој ги игра политичките игри во земјава, рече на денешната прес конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Ќе имам можност за неколку часа од сега да му кажам на господинот Рикер кој игра политички игри и детално да го образложам тоа. А господинот Рикер, како искусен дипломат, слушајќи ги двете страни се надевам ќе донесе правилна одлука“, рече Мицкоски.
Тој потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ има конструктивен пристап и оти треба да се отвори прашањето дали Владата е конструктивна.
„Рикер во ниту еден момент не рече дека опозицијата треба да се однесува по принципот земи или остави. Искусни дипломати и луѓе кои се едуцирани во демократски системи не се однесуваат како Заев кој сака да наметне едноумие и цензура на слободната мисла“, рече Мицкоски.
За изјавата на премиерот, Зоран Заев, кој рече дека ќе треба да се изнајдат непосакувани начини доколку Законот за СЈО не биде изгласан во Собрание, Мицкоски одговори:
„Заканите се карактерна особина на човек што не знае што прави, јас како само таков можам да го искоментирам неговиот настап. Сложен сум дека треба да се донесе секој реформски закон, но тоа треба да биде согласно законите и уставот, не да носиме закони кои ќе бидат алатка на политички елити, за амнестија на нивниот криминал“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Запрашан за акцискиот план за борба против дезинформациите и лажните вести, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека тоа е обид за враќање во 49-та година од минатиот век, цензура и контрола на слободно и демократски искажаната мисла.