Се укинуваат квотите за лекови во туристичките центри

Facebook
Twitter
Email
Print

Од овој месец се укинуваат квотите за лековите на рецепт во аптеките во регионите на туристичките места Охрид, Струга, Дојран, околината на Гевгелија и регионот на Ресен.

 

Ова денеска го најави министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека тоа ќе важи за секој лек кој ќе биде издаден на рецепт, а сите рецепти во овие места ќе бидат реализирани од Фондот за здравствено осигурување.

 

„За ослободување на квотите не е потребна промена на закон, туку на правилник, кој што утрово го направи Фондот. Со рецепт препишан од матичен лекар, ќе може да се подигне лек во туристичките места“, изјави Филипче.

 

Причината што се започна токму од туристичките центри, според Филипче е дека на овие места побрзо се трошат квотите, бидејќи има доста туристи кои одат на подолготраен престој и таму ги подигнуваат лековите, па локалните жители остануваат без потребната терапија.

 

„Најчесто тоа се лекови за кардиоваскуларниот систем, излегуваме во пресрет на граѓаните и не очекуваме некоја поголема промена во зголемување на искористеноста на лекови“, рече Филипче.

 

Тој посочи дека ова е прв чекор во насока на укинување на квотите за лековите на рецепт во сите аптеки на територијата на целата држава, што премиерот Зоран Заев го најави минатата недела, а ќе почне да важи од моментот кога согласно динамиката на имплементирање на контролните механизми, Фондот ќе го имплементира како мерка, односно во септември или октомври.

 

Паралелно со оваа мерка, ќе се воспостават механизми со кои ќе се спречи злоупотребата на лековите по укинувањето на квотите. Еден од нив е можноста, само лично, пациентот кому му е препишан лекот ќе може да го зема лекот. Сепак, предвиден е и начин на кој до него ќе стигнуваат пациентите кои имаат проблем со движењето.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи