Во касарната „Мирче Ацев” во Прилеп вечер почнуваат чествувањата по повод 18-годишнината од масакрот кај месноста „Карпалак” на патот Скопје-Тетово во кој на 8 август 2001 година загинаа 10 прилепски резервисти на АРМ.
Пред спомен-обележјето на 10-те загинати бранители во прилепската касарна „Мирче Ацев” во 18:00 часот цвеќе ќе положат делегации кои ќе им оддадат почит на загинатите прилепчани. Потоа, ќе биде посетена Спомен-собата во касарната каде се спомените на загинатите армиски резервисти и бранители. Во 19:00 часот ќе биде посетен споменикот во прилепското село Лениште, посветен на трагично загинатите бранители и ќе се служи вечерна литургија во манастирот „Света Петка” во селото.
Делегации, изутрината на 8 август, од 6:00 часот ќе тргнат на чествувањето на овој трагичен настан на месноста Карпалак на патот Скопје-Тетово каде ќе положат цвеќе на спомен-обележјето. Во Прилеп од 7:30 часот ќе се положат цвежиња и ќе им биде оддадена почит на загинатите на нивните вечни почивалишта во градот и во околните населени места. Во 10:00 часот ќе се одржи панихида за загинатите во црквата „Света Петка” во прилепската населба Точила, а од 13:00 часот е централното чествување пред споменикот „Карпалак” во центарот на Прилеп.
На 8 август 2001 година во заседа на патот Скопје-Тетово кај месноста Карпалак животот го загубија Сашо Кутаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски. Тие беа армиски резервисти од Прилеп и околината.