ВИДЕО – Шекеринска : Предлог законот за Еурокомпозит отскочна даска за решавање и на другите проблеми, нема влез на инвеститор со милионски долгови

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска истакна дека конечно после долги години на агонија со новиот предлог Закон на Владата за претворање на побарувањето на државата по основ на јавни давачки во траен влог во „Еурокомпозит“ ќе се донесело достоинствено решение за исплата на придонесите на вработените кои не им се платени од јуни 2012 година. Со овој закон Владата ќе оддели околу 2 милиони евра за покривање на придонесите на Еурокомпозитовци.

 

 

Но се уште не се знае дали ќе се најде странски инвеститор кој би ја купил компанијата со што на вработените би им се исплатиле и заостанатите околу 20 плати и неплатените отпремнини. Нема ниту конкретен одговор дали Министерството за одбрана ќе иима некоја соработка со Еурокомпозит.

 

„Договорите вработените не може да ги имаат со министерствата, меѓудругото од такво работење и дојде до ваква ситуација, каде што се работело малку во сива, малку во црна зона. Ќе го почитуваме законот, ќе се трудиме да ги решаваме проблемите на долгорочен и стратешки начин, а не со лепење купи ден – помини. Стратегиски, има најави за неколкус тратешки инвеститори, со сите нив ќе разговараме, за сите сме отворени. Секаде каде што можеме ја упатуваме пораката дека ова е стратешки капацитет кој државата сака да го реши, не за да земе пари, туку за да го зачува и подобри бизнисот тука во Прилеп. На тој начин, според првичните изјаснети интереси, очекуваме да имаме навистина заинтересирани кандидати, меѓутоа таа постапка ќе продолжи. Мислам дека клучното е сега Законот, кој е во Собрание, да издејствуваме Собранието час поскоро да го донесе. Тоа веќе ќе даде огромна отскочна даска за понатамошно решавање на проблемите во претпријатието. Ниту еден стратешки инвеститор нема да се заинтересира или да биде спремен да влезе, ако на влез во компанијата начека дупка од милиони евра. Со Законот кој го пуштаме во Собранието, директно кажуваме дека Владата ги обезбеди средствата за да овие стари дупки се пополнуваат“, изјави Шекеринска.

 

Новиот директор на оваа државна компанија Милан Тоцев се пофали дека во мометов имале работа за странство и се надева дека ќе се врател стариот сјај на „Еурокомпозит“.

 

„Во моментов имаме работа, произведуваме, во 3 смени работиме. Целото производство е за извоз. Исто така можам да ви спомнам дека имаме нарачки од Италија, од Албанија, имаме договор кој треба да го завршиме со МВР кој е од 2015 почнат, но се надевам дека до крајот на годинава ќе го завршиме и тој договор. Се разбира ќе бараме соработка и со Министерството за одбрана и секако таа соработка треба да продолжи и со овој број на вработени, околу 74, мислам дека ќе бидеме успешни“, рече директорот Тоцев.

 

Градоначалникот Илија Јованоски исто така се надева дека и другите нерешени прашања околу Еурокомпозит ќе се решат за брзо време и дека оваа компанија конечно ќе тргне напред.

 

„Мислам дека сега е почетокот на крајот на таа голгота за решавање на овој горлив проблем и посебно за вработените сегашни и вработените од порано што заминаа во пензија. Посебно оние што треба да добијат пензија во последно време, каде треба да им се платат придонесите со оваа мерка на Владата. Јас сум сигурен дека понатаму Еурокомпозит ќе најде сили, трет пат со новото раководство, дека ќе најде сили и можност, а има ресурси, да излези на правиот пат и еднаш засекогаш тој проблем да биде решен“, изјави градоначалникот на Прилеп, Јованоски.

 

Новиот предлог закон на Владата се очекува за многу кратко време да се изгласа во Собранието.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи