Владата донесе одлука Оливер Спасовски да раководи со нов оперативен тим кој ќе се бори против криминалот и корупцијата. Целта според Владата е да се задоволи правдата и да има целосна одговорност за сите кои учествувале или помагале криминал и корупција во минатото, но и сега.
„Владата на Република Северна Македонија бескомпромисно ќе работи со цел да биде задоволена правдата и да има целосна одговорност за сите кои учествувале или помагале криминал и корупција во минатото и сега. Оперативниот тим е целосно подготвен да се стави на располагање на Јавното обвинителство и на судовите во остварување на нивните законски обврски“ се вели во писменото соопштение.
Во оперативниот тим освен Спасовски, ќе бидат и министерката за правда Рената Дескоска, заменикот во МВР Агим Нухиу, директор на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, директорот на Финансиска полиција, Арафат Муареми, директор на Царината, Ѓоко Танасоски, како и управители на неколку други институции.
„Секако тука државните институции имаат најголем удел, тие се најодговорни и сите заедно со Обвинителството, со судиите мораме да постигнеме резултати. Затоа треба секој еден којшто е за правдата во државата којшто е чесен, одговорен да се издвојат и во судството и во Обвинителството. Мислам дека сега е еден добар момент сите заедно енергично да се спротивставиме на секаков вид криминал. МВР и јас лично ќе стоиме на располагање да помагаме, односно да ги преземеме сите мерки со коишто ќе бидеме задолжени од ЈО од надлежниот суд се со цел да биде задоволена правдата“, вели министерот за внатрешни работи Спасовски.