Членовите на Владата и сите јавни функционери ќе бидат под строг мониторинг за тоа како настапуваат во јавноста и дали ги почитуваат моралните и етички принципи кои произлегуваат од нивните функции. Владата на вчерашната седница го усвои Етичкиот кодекс за одговорно однесување на функционерите.
Ова на прес-коференција во Владата денеска го истакна министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, кој го промовира Кодексот за етичко однесување за владините членови и носителите на јавните функции.
„Кодексот е всушност наша саморегулација. Со Кодексот ќе се прави евалуација и ќе се води сметка за однесувањето и начинот на работење на секој од функционерите. Детално се објаснува кои се правата и обврските на функционерите, полесно да се утврди кој постапува морално, етички, законски, кој не постапува, и од тие причини конечно преку Кодексот ќе може попрецизно да се детектираат сите оние девијации што се во спротивна тенденција на намерите на Владата за одговорно, отчетно и чесно работење“, рече Поповски.
Тој појасни дека со Кодексот ќе има три нивоа на реагирање од страна на задолжените за Кодексот. Првата опомена ќе биде јавна критика, а потоа следува политичка одговорност, односно барање за оставка и последната санкција е одговорност пред институциите.
Министерот за транспарентност, Поповски вели дека овој кодекс ќе важи за сите министри. Иако официјалниот текст не е јавно објавен, министерот посочи дека тој во најскоро време ќе биде достапен за јавноста.
На прашањето дали ќе има одговорност од премиерот и министрите кои во неколку свои изјави дадоа одредени квалификации за новинари и други личности, Поповски рече во тие изјави нема ништо надвор од она што во секојдневната комуникација го користат граѓаните, но сепак носителите на јавни функции мора да се внимателни во комуникацијата со јавноста.