Една недела пред почетокот на учебната 2019-2020 година, Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) се заканува со штрајк. Наставниците се незадоволни од најавеното зголемување на платите од 5 отсто.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделковски, вели дека синдикатот ѝ дава рок на Владата до 1 септември за преговори и за реално зголемување на платите на сите вработени во образовната дејност, во спротивно ќе следи предупредувачки штрајк.
„Не сме задоволни од зголемувањето на платите од 5 проценти. Реално би било зголемувањето да е 20 проценти. Доколку ништо не се договориме и во септември, имаме опција за генерален штрајк. Ние сме репрезентативен синдикат со околу 30.000 члена. Ги повикувам сите други синдикати да ни се приклучат“, вели Неделковски.
СОНК бара и да биде активен учесник во креирањето на буџетот за образованието за 2020 година.