До крајот на септември МАНУ ќе добие ново име – Академија на Република Северна Македонија. Промената на името на највисоката академска организација кај нас беше предвидена со Преспанскиот договор, во кој стои дека оние институции кои се формирани со посебен закон и се финансирани од буџетот на државата треба да го сменат името ако во називот имаше само назив „Македонија“ или „македонски“.
„Деновиве треба законот да помине на Собрание. Името, ќе биде Академија на Република Северна Македонија-МАНУ. Ако до крајот на септември помине на Собрание, седум-осум дена по објавување во Службен весник ќе почне официјалното име…“, рече Таки Фити-претседател на МАНУ.
Претседателот Фити нагласува дека ќе се задржи кратенката МАНУ зашто институцијата била позната во научниот свет токму по неа.
Претходно, од стартот на примената на Преспанскиот договор дојде до промена на називот на вкупно 136 државни институции кои се под капа на државата. Називот „македонски“ го задржаа само Македонскиот народен театар и Институтот за македонска книжевност.