СОНК не се откажува од предупредувачкиот штрајк

Facebook
Twitter
Email
Print

Сѐ уште не се знае дали во понеделник ќе почне нормално учебната година или со предупредувачки штрајк на наставниците како што најави Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК).

 

Од СОНК не се откажуваат од одлуката за штрајк и велат дека зависи од Министерството за образование и Владата кои имаат рок до крајот на месецов да одговорат на барањето за зголемување на платите на наставниците од 25 отсто, наместо 5 отсто како што беше најавено од страна на Владата.

 

„Се надеваме дека деновиве ќе има средба во Министерството за образование и ќе почнат преговори за зголемување на платите што моментално е наш приоритет. Доколку почнеме преговори нема да има предупредувачки штрајк. Ако тоа не се случи, како што најавивме, во понеделник ќе имаме предупредувачки штрајк, а потоа и месец на преговори за платите во наредната година во кои ќе бараме далеку повисок процент на зголемување на платата“, вели претседателот на СОНК Јаким Неделков.

 

Министерот за образование Арбер Адеми порача дека МОН останува отворено за конструктивни преговори со синдикатот и смета дека покачувањата за една година кои ќе резултираат во септември со 10.8 проценти повисоки плати е нешто што се нема случено години наназад.

 

„Би сакал да се откажат од најавениот предупредувачки штрајк, бидејќи навистина нема причина за тоа. Штрајк се организира кога нема решение, а ние нудиме решение. Лани ја покачивме платата за 5 проценти. Во септември уште 5 проценти. Ќе има ново покачување но не можам да кажам уште сега кога ќе се случи тоа бидејќи треба да ги почекаме проекциите за следната буџетска година. Остануваме отворени за дијалог. Искрено се надевам и посакувам СОНК како наши пријатели со кои добро соработуваме до сега, да се откажат од најавата за штрајк на втори септември“, рече Адеми.

 

Основната плата во образованието изнесува 21.660 денари. Најголемиот дел од наставниот кадар зема 80 отсто од оваа плата, а просекот во основното и средно образование е плата од 20.000 денари. Доколку Владата прифати зголемување на платата од 25 отсто основната плата во образованието би пораснала за 5.415 денари и би изнесувала 27.075 денари. Со зголемување, пак, од само 5 отсто како што планираше Владата основната плата во образованието ќе се зголеми за 1.083 денари и ќе изнесува 22.743 денари.

 

Следна средба помеѓу МОН и СОНК се очекува оваа недела.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи