ВИДЕО – Издашноста на „Студенчица“ енормно намалена, прилепски „Водовод“ со судни маки да нема рестрикции

Издашноста на регионалниот водовод „Студенчица“ кој со вода ги снабдува Прилеп, Кичево, М. Брод, Крушево и неколку други помали општини е енормно намалена и изнесува под 600 литри во секунда. Во секој момент може да се појави огромна криза за вода. Од овие количини во зависност од денот во Прилеп стигнуваат само од 135 до 220 литри, што е премалку бидејќи градот дневно троши над 400 литри во секунда. Прилепски Водовод прави максимални напори со бунарска вода градот да нема рестрикции.

 

 

„Навечер кога потрошувачката е намалена, граѓаните спијат, собираме вода во коморите за напојување со вода на ниската зона на градот. Додека високата зона на градот се напојува преку кружницата, тоа е цевка со големина на дијаметар Ф 400. Исклучиво преку денот целата количина на вода која доаѓа од „Студенчица“ ја пренасочуваме во високата зона на градот“, истакна Емил Јанески, директор на ЈКП „Водовод и Канализација“ Прилеп.

 

Прилеп има околу 25 бунари од кои може да се добие околу 200 литри вода во секунда, а моментално се добива околу 60. Дополнителни 22 литри се добиваат од старите градски извори.

 

„Ја ставивме во употреба бунарската постројка Кешовица-Орушица, а во овој момент ја приклучуваме и бунарската постројка Бегова Ливада. Во исто време се прават припреми за приклучување и ставање во употреба на бунарската постројка Кошарка“, додаде Јанески.

 

Според директорот Јанески водата е хемиски и бактериолошки испитана и целосно била здрава за пиење. До нејзино заматување деновиве доаѓало поради тоа што се мешале водите од Студенчица и водиите кои во цевките влегувале од бунарите.

 

„Пред да ги пуштиме во употреба бунарите најпрво вршиме исперување на истите. Секој бунар се пери 2 дена, потоа се земаат примероци од истиот и го носиме во Центарот за јавно здравје. Пред да добиеме дозвола дека водата е исправна за пиење ние бунарските постројки не ги пуштаме во функција. Водата е целосно исправна, но меѓутоа квалитетот нејзин во никој случај не е како оној од Студенчица. Се работи за заматување поради мешање на водите и заробување на воздух. Водата од бунарите се вметнува во цевководот каде доаѓа до мешање со водата од Студенчица и доаѓа до заматување бидејќи водите се судираат помеѓу себе под различен притисок“, рече Јанески.

 

Од „Водовод“ апелираат граѓаните максимално да ја штедат водата и ветуваат дека барем засега нема да има рестрикции. Но ако продолжи сушното време никој неможе да предвиди што ќе се случува во иднина со регионот каде има околу 200.000 жители и дали може да се случи вистинска катастрофа.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи