На небото над Словенија се одигрувала вистинска драма, кога гром удрил во авионот „Фалкон“ на српската влада со кој Ивица Дачиќ, прв вицепремиер на владата на Србија и министер за надворешни работи, тргнал кон Љубљана.
Искусниот и присебен пилот успеал безбедно да го приземји авионот на љубљанскиот аеродром, по што министерот Дачиќ го продолжил патот кон Блед каде учествува на Стратешкиот форум.
„Пилотот беше присебен. Не беше пријатно, но ми рекоа дека авионот никаде не е пробиен. Одиме понатаму. Се слушна помала експлозија, видов блесок. Но, никој не ни може ништо“, изјавил министерот Дачиќ за српските медиуми по инцидентот.
Во силното невреме што вчера ги зафати Словенија и Хрватска регистрирани биле над 20 илјади молњи.
Инаку ова не е првпат на министерот да му се случи ваква непријатност. Кон крајот на мај, авионот во кој се наоѓал Дачиќ се расипал и морал итно да слета на аеродромот во Атина и тоа во рок од 15 минути.