Мицкоски: Заев бара обвинителство што нема да ги гони за „Рекет“

Facebook
Twitter
Email
Print

Заев бара обвинителство што нема да ги гони криминалите на сегашната власт и нивното учество во „Рекет“, обвини на денешната прес конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.ж

 

Според него, премиерот барал ново обвинителство со шеф на предлог на опозицијата, но ако власта не го прифати кандидатот, тогаш шеф да избира Советот на јавни обвинители од десеттемината обвинители од СЈО што би се преселиле во новото обвинителство.

 

„Практично, власта ќе биде мотивирана никогаш да не го прифати предлогот на опозицијата и со притисоци и влијанија во Советот на јавни обвинители да се избере обвинител од редот на десеттемината. Понудата на Заев беше ново СЈО, водено од помошниците на Јанева како офанзивна алатка и обвинителство кое ќе го води Русковска, како дефанзивна алатка, и сето тоа управувано од Јовески“, вели Мицкоски.

 

Тој тврди дека премиерот Заев барал новото обвинителство да гони криминал и на избрани и именувани лица, но од овој момент, па во иднина.

 

„Кога ги спомнавме случајот „Поткуп“, „Глобал“, „Рекет“, „Рекет 1“, „Рекет 2“, „Рекет 3“, „Рекет 4“…, тогаш рече – не. Ново обвинителство кое ќе истражува, ама од денеска натаму. Се друго не важи. Такво нешто не познава правото. Ако Зоран Заев прифатеше новото обвинителство да се занимава со корупција без разлика од која партија доаѓа, ќе имавме договор“, вели Мицкоски.

 

Тој за лидерската средба рече дека во иднина има простор за да се продолжат преговорите, иако, како што изјави, свесно чекал СДСМ да излезе со манипулативни известувања во врска со вчерашната средба за да го дефокусира вниманието.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи