Пред 2 години започнавме реализација на една наша визија за создавање на нова свежина во прилепскиот медиумски етер, пред се необременета со никаков политички багаж зад себе. Нешто што е најголемиот контаминатор на новинарството, а за жал е негов составен дел со години наназад. Денес после 2 години од тогаш слободно и гордо можеме да кажеме дека таа наша идеја е реализирана во целост.
Објективното, навременото и непристрасно известување станаа нашиот препознатлив белег, а доказ за тоа е огромната доверба која ни ја даваат нашите читатели. За разлика од други, кај нас зборот навистина е збор, без лага и превари и фејк њузови. Инфо Компас стана отворена платформа за искажување на сите граѓански проблеми и тоа без никаква цензура!
Иако Општините од регионот и јавните претпријатија не сакаат никаква соработка со нас, дури слободно може да се каже дека имаат и забрана, а во исто време добро поддржуваат медиуми од нашата и од други општини, ние продолжуваме, “партизански“, да се слушне гласот на граѓанинот, за борба за правда. Инфо Компас докажа дека новинарството на локално ниво може да не зависи од градоначалникот и партиите, било оние на власт, било оние во опозиција. Нешто што со години беше незамисливо, денес со Инфо Компас е реалност.
Кај нас текстовите не се нарачани и кај нас не ѕвонат “црвените“ телефони. Слободата на говорот кај нас е вистина, а не само лажна и извртоперена перцепција за тоа како стојат нештата во реалност. За разлика од други ние не се чукаме во гради дека сме објективни, а од друга страна платени со партиски пари.
Навистина сме горди!
Освен објективноста, другиот заштитен знак на Инфо Компас е тоа што е еден од неколкуте портали во Македонија, кои се бројат на прсти, а кои работат со своја продукција на видео прилози. Покривањето на настаните освен со текст и со видео материјали е нешто што е навистина реткост кај нас. Во целиот регион сме единствени. А мора да се напомени дека Инфо Компас е креација на само 4 раце!
Покрај секојдневното известување на настаните од регионот, овој пат се потрудивме и направивме репортажи од Македонија, но и соседните држави. Заслужувате да бидете запознати со тие убавини.
Ви благодариме Вас, на граѓаните, нашата врата за Вас и понатаму останува отворена. Со вашата поддршка продолжуваме и понатаму да бидеме лидери во медиумскиот интернет простор во регионот. Затоа што навремената и објективна информација е една од суштинските вредности на демократијата.