Извидници – неформално образование за интелектуален, психички и духовен развој на младите луѓе

Ако некогаш сте слушнале како постарите ви раскажуваат приказни за дружењата од тоа “нивното време“, тогаш сигурно не сте пропуштиле да слушнете безброј незаборавни авантури. Од работните акции, преку пионерството, па се до извидниците, токму тоа “нивно време на незаборав“ буди море носталгии за добрите времиња, и кутија надеж дека ќе може да ги искуси секој.

 

И покрај бремето кое го носи денешната младина како резултат на изгубените и залутани вредности благодарение на дигиталната ера, надежта за убавите времиња сеуште е тука, на товар на бестрашни и храбри млади кои даваат се од себе за да креираат подобар свет. Во тој момент, стапува нужноста од повторно организирање на младински акции, на кои младите заедно ќе настапуваат како некогаш, сложно, вредно и со милион спомени од заедничките дружби…

 

Товарот за заедничко делување во голем дел го превземаат извидниците. Извидниците се невладина, волонтерска организација отворена за сите!! Тоа всушност претставува неформално образование на деца и млади кое има за цел да го потпомогне понатамошниот психо-физички развој на секој поединец.

 

 

 

Извидниците во Прилеп имаат долга историја. Истата започнува пред 1960-тата година… Еден од поактивните одреди кој во тогашно време организирал летни логорувања е одредот „Илија Игески – Цветан“. Освен него, постоеле уште неколку други одреди, во кои членувале дел од нашите родители. Меѓутоа, со тек на времето одредите згаснале и Прилеп остана град без извидничкки одред се до формирањето на извидничкиот одред Еригон, кој по неколку годишното функционирање премина во кајакарски клуб…

 

Извидничката традиција во Прилеп повторно згасна, се до 2015-тата година кога беше формиран Извиднички одред „Феникс“ – Прилеп. Приказната започнува со десетина млади, ентузијасти, кои сакаа повторно градот херој да живее во духот на извидништвото. Како невладина организација, мисијата на Извидничкиот одред „Феникс“ е придонес во образованието на младите луѓе низ систем на вредности заснован врз извидничките завети и закони, градење на подобар свет каде што луѓето се самоисполнети како индивидуи и имаат конструктивна улога во општеството.

 

Одредот нуди низа на активности во текот на целата година, почнувајќи од еднодневни хајкови, па се до тридневни кампувања/логорувања. За „фениксовите извидници“ постојат неколку позначајни активности и тоа:

 

Свечена академија за давање на извиднички завет, која претставува свечена церемонија каде новите извидници во придружба на нивните најблиски и останатите извидници се колнат дека ќе живеат и ќе работат во согласност со извидничките правила и закони. Извидничка акција, односно тридневна активност каде одредот еднаш во годината е домаќин на околу 200 извидници на територијата на цела држава. Акцијата всушност претставува тип на извиднички натпревар, каде извидниците имаат за задача да ги пронајдат контролните точки на карта, а потоа со помош на истата да се движат до самото место. На дел од точките, извидниците имаат задачи кои треба да ги решат, за на крајот да се соберат вкупните поени и да се прогласи победникот. Исто така, важна активност претставува и традиционалниот камп по повод 11-ти октомври, кој секоја година се одржува на манастирот Св. Ѓоргија – с.Присад. Целта на овој камп е доловување на извидничкиот живот на новите извидници, преку игри и едукативни работилници заедно со постарите извидници.

 

 

Инаку извидничкото движење како најголемото движење во светот, во Македонија е организирано од страна на Сојуз на извидници на Македонија или познат под кратенката СИМ. Тоа значи дека Сојузот ги обединува сите одреди кои постојат и работат во рамките на оваа држава.

 

Историјата за извидништвото и на Сојузот во Македонија има долга традиција, уште од 1921 година. Во тогашна Македонија со формирањето на првите стегови е формиран и Вардарскиот скаутски регион, со седиште во Скопје. Во почетокот, од 1921 до 1940 година, се споменува дека се организирани многу летни логори и школи, од кои како една од најмасовните акции/активности во тој период е заведена прославата на осумдесеттиот роденден на oсновачот на Светското извидничко движење, лордот Роберт Баден Пауел.

 

За време на Втората светска војна, поради затекнатата ситуација, престануваат сите активности на извидничката организација во Македонија. Во 1953 година, од страна на поранешни членови на Извидничката организација, се основа слична на неа, но со ново име – Сојуз на извидници на Македонија (СИМ). Од тогаш, па се до денес, Сојузот на извидници на Македонија успешно и континуирано делува во сферата на промовирање на активно граѓанство, промовирање на младински активизам и иницијативизам, поддршка во развој на заедницата на локално и национално ниво како и програма за млади со многу активности, чија крајна цел е да се oбезбеди развој на интелектуален, психички, духовен аспект на секој млад човек.

 

 

 

Автор: Ивана Сурлаџиоска

 

Оваа вест е поддржана преку проектот „ Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести “, што го спроведуваат Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Институтот за медиуми и различности од Лондон, со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржините во веста се единствена одговорност на авторот и на ЛАГ Агро Лидер, и во никој случај не може да се смета дека ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи