Изминуваат две години од фамозното ветување на градоначалникот Илија Јованоски, дека овде ќе градел здравствено-рекреативен спортски центар со затворен базен. Денеска како што можеме да забележиме од тоа ветување нема ништо, всушност како и од се останато што ветуваше и ги лажеше граѓаните пред локалните избори, истакна на денешната прес конференција Александар Таневски од Комисијата за спорт при ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.
„Наместо затворен базен, нашите сознанија велат дека спортската сала “Maкедонија”, ваква каква што е без технички прием, била издадена под концесија на лице блиско до власта.
Во оваа прилика го прашуваме градоначалникот и неговата владеачка одродена партија СДСМ:
Дали е вистина дека салата е предадена под концесија на лице во кумство со лидерот на политичката партија Достоинство, Стојанче Ангелов?
Зошто ги лажевте граѓаните со ветување за изградба на ваков грандиозен проект кога и самите знаевте дека тоа не е возможно и дека не сте способни за таков зафат?
Како е возможно под концесија да се издава објект кој како што кажавте и самите вие нема технички прием и се наоѓа во лоша состојба?
Како ја давате салата под концесија кога не се регулирани односите со вработените?
Со кое лице ќе се појавите пред граѓаните и ќе ја барате нивната доверба на престојните парламентарни избори?
Ви останаа ли уште големи лаги во џебот, како онаа за 20% пониски сметки за вода?
Да не биде подоцна не ви кажавме, одново ве предупредуваме, Прилеп и не е толку голем град, па се она што вие се обидувате да скриете, лесно се дознава, а подоцна за тоа ќе следи и одговорност!
Со секој еден изминат ден на власт вие тонете во скандали, корупција и криминал, но за среќа граѓаните гледаат и лесно ве прочитаа.
Следува обнова на државата и раскрстување со вашите политики и владеење!“, изјави Танески.