Партиите во Македонија се главниот фактор за секојдневното труење и поделност по сите основи кај македонскиот народ кое трае веќе 27 години. Тие се главната причина за паранојата која владее во општеството, омразата, агресијата и насилството. Ова беше една од главните поенти на предавањето на невропсихијатарот Методиј Чепреганов во градската библиотека во Прилеп, на кое се промовираше и неговата последна книга „Моќта на човечкиот деструктивен нагон“.
„Во Македонија царува насилство, агресија, омраза, злоба, завист, љубомора и параноја. Тоа го прават само партиите и тоа тврдам со целото мое искуство од 60 години. Треба да биде воспитан, треба да има едукација да може сам да процени кој го лаже, кој го манипулира, кого лаже и кого манипулира. Нашиот народ е манипулиран во секоја основа, секаде, за жал. Нашиот народ е расцепен, раздвоен, разслоен, меѓу едните биле леви, другите биле десни, еден ист народ, кој диши ист воздух, се храни со иста храна и пие иста вода. Да му дадам порака на народот, македонскиот народ треба да свати дека умот царува, а не партиите и снагата и силата, бидејќи тие трујат“, истакна невропсихијатарот Методиј Чепреганов.
Според Чепреганов агресија е најголемиот проблем кој бил дел од сите цивилизации, низ сите векови, а ќе бидел дел и од иднината затоа што човекот најчесто не е свесен како да ги гради интерперсоналните односи. Токму затоа комуникацијата помеѓу луѓето требала да се учи од најмала возраст.
„Ако една личност е несозреана и во себе нема воспитување знаење, едукација, инкорпорација на социјални, морални, етички и духовни норми и носи психопатски особини, со неа тешко може да се разговара. Решението е од детска градинка и првиот здив на мајката воспитување, од школото образование и друштво во кое социјалните, економските, етичките, моралните норми ќе ги инкорпорираме во нашите деца за да знаат како да се однесуваат меѓу себе“, додаде Чепреганов,
„ Која е целта на предавањето, пред се мислам треба да се кажи која е потребата. 21 век, кога живееме во страшно стресни времиња, нужно е она што професорот денес ќе го кажи да го спроведуваме во дело, во нашата фамилија, во нашата улица, во нашиот град, за на крај нашето општество да биде онакво какво што посакуваме“, истакна проморот на настанот Светлана Петковска, која е и претседателка на организацијата на жени на Општина Битола, проморот .
Овој настан е дел од низата вакви предавања кои невропсихијатарот Методиј Чепреганов ги прави во повеќе градови како дел од неговата идеја за едукација на населението околу интерперсоналните човекови односи и начинот како треба да комуницираме и да ги изнегнуваме несаканите расправии и кавги со нашите соговорници.