Се сеќавате ли на некој учител што навистина ви оставил впечаток кога сте оделе на училиште? Многу учители слушнале од учениците дека ги ценат, па дури и од родителите, и со тоа биле охрабрени да продолжат со наставната работа и покрај проблемите. Заеднички фактор за ваквите позитивни забелешки е искрениот интерес и љубезноста што учителот ја покажал кон ученикот.
Се разбира, немаат таков позитивен пристап сите учители. Освен тоа, учителите честопати се изложени на многу притисоци што го ограничуваат она што можат да го направат за своите ученици. Па зошто луѓето ја избираат оваа тешка професија?
Само авторитетниот учител е достоен за почит. Во минатото се почитуваше зборот на учителот како светост, се почитуваа неговото мислење и знаење. Денес статусот и платите на просветните работници не го задоволуваат вложениот труд!
А, паричката овде нема две страни, туку три и повеќе.
Да не заборавиме дека изградениот и професионалниот просветен работник секогаш треба да биде пример полн со одговорност, разбирање и посветеност кон работата.
За да му укажете нешто на својот ученик, треба да тргнете од себе. Онака како што ќе ве прифатат вашите ученици, такво име и дигнитет ќе ве следи и во иднина.
И да не заборавиме, учителот треба да внимава на својата облека бидејќи преку неа им дава пример на своите ученици. Тој треба да е уреден, педантен, онака како што му доликува на неговата професија.
Родителите не треба секогаш презаштитнички и емотивно да ги примаат забелешките поврзани со нивното дете. Кога наставникот ќе го искара или посоветува ученикот, тоа е за добро на детето, но и за семејството. Тоа е порака за подобро однесување и повеќе знаење, а со тоа и повисоки оценки.
Оттука почнува и градењето на односот наставник – родител – ученик. Мнозинството родители денес си ги штитат децата и кога учителот е во право, тоа поинаку се разбира.
Треба сите ние, родителите, да сме покритички настроени кон нашите деца, а и да ги отвориме срцата кога станува збор за прифаќање на сугестиите.
Важно е учителот да го даде знаењето кое од детето ќе изгради самостојна и успешна личност! И сето тоа во време на материјално општество, изгубени морални вредности, материјален натпревар и неповратна отуѓеност од човекот во самите нас.
Во пресрет на Меѓународниот ден на учителите, обидете се за кратко да ги обуете чевлите на учителот! Кога ќе ви успее да се ставите во нив, дури тогаш можеби ќе се вратат дигнитетот и почитувањето на оваа професија!
И да не зборуваме за сите други услови и околности.
Во моментов двигател на учителот не е неговата бедна плата, туку љубовта што секојдневно ја добива од своите ученици!
Нека ни е честит и за момент достоинствен Меѓународниот ден на учителите.
Автор: М-р Гоце Бумбароски, наставник по одделенска настава во ООУ „Кочо Рацин“ – Прилеп
Извор: Деца.мк