„Утринава во 5:20 часот, на железнички премин во Прилеп, во близина на меѓуградската автобуска станица, воз удри во патничко моторно возило Ауди во кое се превезувале пет лица. Патниците од автомобилот биле колеги кои утрината заедно патувале до своите работни места. При обид да ја преминат пругата, во нив удрил возот, при што две лица се телесно повредени, а две се здобиле со тешки телесни повреди“, соопшти Јавното обвинителство.
Надлежен јавен обвинител издал наредби за фотографирање и скицирање на местото на настанот и за вршење на вонреден технички преглед на локомотивата од страна на машински инженер.
Од Обвинителството велат дека ќе се вештачи и рампата од железничкиот премин, во насока на утврдување на исправноста на нејзиното функционирање.
„По извршено тестирање, не е утврдено присуство на алкохол кај возачите на локомотивата и возилото. Дејствијата на јавното обвинителство ќе продолжат со цел да се расчисти причината која довела до железничката несреќа“, се наведува во соопштението од Обвинителството.