Поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски денеска повторно е осуден на затворска казна од 9 години, откако Апелација го врати предметот „300“ на повторно судење. Судечкиот совет на чело со судијката Добрила Кацарска му ја одреди истата пресуда која Поповски ја доби во првата постапка пред овој суд за предметот на СЈО.
Покрај затворската казна, тој ќе треба да ја надомести и штетата предизвикана врз буџетот на МВР во висина од 27.894.522 ден.
Според судијата Добрила Кацарска, Поповски спротивно на законот за јавни набавки потпишал договори за набавка на 300 возила за МВР без да го почитува критериумот за најповолен економски понудувач, па така се купиле возила од повеќе компании независно од понудената цена.
„Обвинетиот Ѓоко Поповски не можел, а да не знае, кои се економски најповолните понуди. Ги повластил економските оператори „Порше“, „Кадие“, „Бохемија“, „Колевски“ и „Автокуќа“ и извршил избор на понуди, иако понудите не биле утврдени како економски најповолни. Тој требало домаќински да се однесува како помошник министер во МВР, а не да дозволи да се нанесе штета од големи размери за државата. Морал да биде свесен дека незаконито се трошат парите на државните обврзници“, рече Кацарска.
На Поповрски во отслужување на казната ќе му биде засметано и времето поминато во притвор.