К-15 и јубилејни награди ќе добиваат вработените во јавната администрација и правосудството од следната година. Ова е договорено помеѓу синдикатот на УПОЗ и Министерството за информатичко општество и јавна администрација и истото ќе стои во новиот гранков колективен договор кој треба да се потпише за две недели, изјави претседателот на УПОЗ, Пеце Грујовски.
„Минатата недела неколуте спорни прашања што ги имавме со министерот Дамјан Манчевски ги надминавме и идната недела работната група ќе се состане да ги расчисти тие делови. Верувам дека за две недели ќе го потпишеме гранскиот колективен договор“, рече Грујовски.
„Засега добро одат преговорите во јавните институции, но многу потешко ќе оди потпишувањето на колективни договори на ниво на работодавач во правосудските органи, но се надеваме дека Гранковиот договор ќе им ги даде сите права на вработените во јавниот сектор“, додаде претседателот на УПОЗ.
На следната средба на работната група се очекува да се прецизира износот на К-15 кој ќе се исплаќа. Доколку се потпише гранскиот колективен договор, тогаш тој ќе почне да се применува од следната година.