По добивањето на француското НЕ за датум за отпочнување на преговори на Македонија со ЕУ, францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние одржа прес конференција на која го образложи ветото од Франција.
Според Тимоние, убедувањата дека земјава ќе ги почне преговорите само врз основа на Преспанскиот договор биле чисто маркетингшки трикови и нереални очекувања. Порача дека одговорноста за не добивањето на датумот, не лежи само во Франција туку кај сите кои на земјава и дале ветувања дека тоа ќе се случи како награда за Преспанскиот договор, а не врз основа на спроведени реформи.
„Требаше да се разговара за реалната состојба со реформите. Тоа беше на маса и потоа мистериозно во целото лето се подигнаа очекувањата дека, на некој начин, одлуката ќе биде компензација на Преспанскиот договор. И се случи чудна промена на перспективите и ова не го велам да ги обвинувам властите тука, но тоа беше случај и со некои наши партнери. Често се прашував зошто од објективна проценка на агенда, со позитивните и послабите точки, преминавме на награда за постигнат договор. Од основните технички аспекти кои беа услов за почеток на преговорите, се најдовме себеси во прашања кои се однесуваат на геополитиката и геостратегијата. Ова не беше француската перспектива“, рече Тимоние.
Според Тимоние, Преспанскиот договор има своја вредност, но техничката агенда не е реализирана воопшто и истакна дека дека во земјава има уште многу реформи кои треба да се спроведат, особено во судството, администрацијата, но и за да се спречи иселувањето на младите.
„Има прашања што треба да се решат. Со или без новата методологија, секако треба да се усвојат неколку реформи преку преговорите власт – опозиција со 2/3 мнозинство. Ова се прецизни прашања кои се побарани од властите во Македонија вклучувајќи ја и опозицијата како предуслов за почеток на преговорите. Оваа техничка агенда која е само еден дел од работата, воопшто не е реализирана, никој не може да дојде до ваков заклучок.“, вели Тимоние.
Францускиот амбасадор го повтори барањето на Претседателот Макрон за реформирање на преговарачкиот процес и истиот да стане повратен процес, во случај ако во некоја земја се забележи регрес.