Франција започнала неофицијални дипломатски консултации со цел некои земји од западен Балкан наместо полноправно членство да добијат привилегирано специјално партнерство.
Според овој предлог, на земјите од западен Балкан би им била понудена финансиска помош, посебни аранжмани за пристап на европските пазари и други погодности во замена за тивко откажување од полноправно членство.
Како што пишуваат странски медиуми, Франција се наоѓа под притисок од европските партнери на европскиот самит во март идната година да отстапи од својот тврдокорен став и да им одобри на Македонија и Албанија да започнат преговори, а сите преостанати проблеми потоа да се решаваат во текот на отворањето на пристапните преговори. Се пишува, исто така, дека изборите во Северна Македонија токму од таа причина се закажани за април, за да се види дали ЕУ сепак во март ќе одобри продолжување на пристапниот процес.
Слична понуда Германија пред десетина година и дала на Турција, ветувајќи и привилегирано партнерство наместо членство, но тоа сега е сфатено како елегантен начин за откажување од примање на Турција во ЕУ.
Инаку, европските медиуми се полни со критики кон Франција, обвинувајќи ја дека со откажувањето од проширувањето на ЕУ, го туркаат Западен Балкан во рацете на Русија, Турција и Кина.