Прилеп е домаќин на натпреварувачите во суперфиналето од Европскиот куп во параглајдинг за 2019 година, што е воедно и последниот од шесте натпревари кои се одржуваат во текот на една натпреварувачка сезона.
На суперфиналето учество ќе земат педесетина натпреварувачи од 13 земји: Русија, Латвија, Словенија, Србија, Романија, Косово, Албанија, Бугарија, Кипар, Чешка, Велика Британија, Холандија и Македонија.
Дека станува збор за исклучително квалитетно натпреварување, покажува и податокот дека меѓу учесниците се наоѓаат и светскиот и европскиот првак во прецизно слетување, како и словенечкиот пилот Антон Свољшак, кој се’ уште го држи рекордот со 4 последователни резултати „нула“.
Натпреварот ќе започне од полетувалиштето на „Мечкин камен“ кај Крушево, додека слетувањето ќе биде во близина на с.Алданци. Суперфиналето на Европскиот куп во параглајдинг се одржува во организација на клубот за екстремни спортови Sky ryders, а под покровителство на Општина Прилеп.