Движењето со електрични тротинети се регулира со законски промени, кои веќе поминаа на седница на Влада, а за непочитување на прописите предвидени се казни и до 120 евра.
Според предлог-измените во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, електричен тротинет ќе може да возат само лица постари од 14 години, а доколку дете од помала возраст биде фатено како вози тротинет, родителот ќе биде казнет со 50 евра.
Во пракса, за тротинетите ќе важат слични правила како и за велосипедистите. Тротинетите ќе можат да се движат само по велосипедски патеки, а во случај да нема одбележани патеки ќе можат да се движат и по тротоар. Максималната брзина на велосипедска патека е 25 км/ч, а на тротоар 6 км/ч. Во случај да има повеќе лица со тротинети, тогаш тие треба да возат еден позади друг.
Предвидено е и задолжително носење на флуоросцентни елеци во вечерните часови или кога временските услови го наметнуваат тоа. Во предлогот, иако не е предвидена глоба, се наведува и дека возачите на тротинети треба да носат и заштитен шлем на главата.
Предвидените казни се од 50 евра за не носење на елек, за возење по улица и булевар 80 евра, до 120 евра за надминување на дозволената брзина.
Тротинетот треба да биде осветлен од предната и задната страна со бело односно црвено светло.
Сите овие правила според МВР треба да придонесат за поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот.