Градоначалникот на Крушево Томе Христоски даде отчет за сработеното

На 25 октомври 2017 година застанав на позицијата градоначалник во име на вас, граѓаните на општина Крушево, во име на младите, во име на сите без разлика на се, со ветување дека ќе соработуваме и ќе се обидеме да ги промениме работите во нашата општина. Во овие две години преминавме многу препреки, остваривме големи соработки и отпочнавме со реализација на низа клучни проекти. Ве повикувам сите Вас, граѓаните на општина Крушево, да продолжиме заедно да работиме и во наредните две години, да го довршиме тоа што го почнавме, но и да започнеме многу нови проекти за да ги решиме проблемите и да го подобриме животот, изјави градоначалникот на општина Крушево, Томе Христоски

 

Излагањето го пренесуваме во целост.

 

„Состојбата со општината во октомври 2017 година беше застрашувачка. Долгот изнесуваше над 200 илјади евра со 3 неисплатени кредити и многу скапи финансиски обврски. Општината беше оставена речиси без проекти, а сите знаеме дека проектите се основа за градење. Општината немаше проекти за улици, патишта, водоводи, канализации, општината немаше ништо друго освен долгови и лоши меѓучовечки односи меѓу вработените. Три пати се реконструираше паркот, се трошело непотребно за телефонски сметки, се давале по 2.000 евра за телефони, се давале плати на вработени што не доаѓале на работа, се трошело за локум. Сметката на основното училиште Никола Карев беше блокирана што значи дека училиштето немаше пари да набавува креди и други основни материјали.

 

Каква и да беше состојбата, како градоначалник се обврзав пред Вас дека ќе сработиме нешто, ќе работиме за да решаваме проблеми и ќе оставиме нешто зад нас, за нашите деца и за сите оние кои доѓаат во Крушево. Во оваа работа влегов искрено со цел да направиме промена, да направиме многу повеќе за сите нас.

 

Денес општина Крушево е преопознатлива и отворена општина и од анонимна општина во државата не’ посетија многу амбсадори, како амбасадорите на Унгарија, Чешка, Словачка, Европската Унија, Јапонија, Словенија, тука беа претставници од Стејд департментот, тука се одржаа многу настани, параглајдинг првенства како британско, чешко, германско и норвешко национално првенство, европско првенство во змајарство и светско првенство во параглајдерство. Крушево станува препознатлива дестинација за туризам и тоа го потврдија Национална географија која го стави Крушево на најпосакувани дестинации за 2019 година во светот, Ал Џезира Инглиш направи прилог за Крушево и општината беше дел од светски познатиот Економист.

 

Во меѓувреме Општина Крушево стана најтранспарентна Општина и Општина со најголем раст во транспарентноста, според Цивика Мобилитас, и најтранспарентна според Фајненс Тинк во областа на јавните пари.Се на се, Крушево денес е таму каде што никогаш не била – препознатливост, инфраструктурно подобрување, отвореност кон граѓаните и капитални проекти насекаде низ општината во вредност од приближно 4 милиони евра.

 

Но, во детали, што реализиравме од самиот почеток?

 

Започнавме веднаш со финансиска консолидација на буџетот и кратење на сите непродуктивни трошоци. Веднаш запревме со трошење на 400 евра за локум, со трошоци за репрезентација, ги скративме трошоците за улично осветлување и ги укинавме дневниците при службени патувања. Сите тие пари ги насочивме кон изработка на проекти и дел од нив се реализираат во моментов на терен во градот и во населените места. Сметката на ОУ Никола Карев ја одблокиравме и долгот го преполовивме.

 

Во 2017 година еден од првите проекти беше набавка на нов камион за Територијалната против пожарна единица и нешто подоцна обезбедивме нова опрема за сите вработени, а оспособивме уште едно возило на Службата. Со тоа ги подобруваме услугите кон граѓаните преку опремување на оваа, но и опремување на останатите служби.

 

Покрај набавка на ново возило за ТППЕ Крушево набавивме уште неколку други возила и ги опремивме целосно службите на општината со минимален трошок од буџетот на локалната.

 

Обезбедивме нов камион за отпад и трактор со плуг за снег за ЈП „Комуна“. За ова претпријатие обезбедивме и ровокопач заедно со општините Кривогаштани и Демир Хисар, како и патничко возило од Агенцијата за одземен имот, додека за општината набавивме теренско возило, обезбедивме донација на едно товарно возило, а преку Проектот за развој на авантуристички туризам во Крушево набавивме комбе и АТВ. Повторувам, се ова со минимален влог од буџетот на локалната, односно парите на граѓаните.

 

Сериозно се зафативме и со реконструкција на уличното осветлување. Во централното градско подрачје заменивме 100 сијалиции со поставување на нови ЛЕД сијалици, а на ниво на цела општина беа сменети над петстотини сијалични места. Денес пристапите до хотелите, кон музеите и цела главна улица се сериозно осветлени, прегледни и безбедни за движење. Со речиси двојно помалку средства од минатото успеавме да го осветлиме Крушево, да поставиме нови линии на осветлување во населените места, трошиме помалку за оваа намена и граѓаните добиваат брза услуга од страна на Општината во поглед на решавање на проблемите со уличните светла. Во населените места само во Саждево пуштивме нова линија на осветлување во должина од 2 километри. Целосно ги осветливме и Норово и Алданци и сите останати населени места.

 

Денеска имаме 24 реконструирани улици во должина од над 4 километри, а да не заборавиме дека ова е 4 пати повеќе од она што го ветивме во предизборната програма. Започнавме уште од почетокот на 2018 со реконструкција и санација на улиците за подобар пристап на вас кон вашите домови и местата каде што се движите, но и заради поубавиот лик на градот. Во населените места саниравме и реконструиравме улици во Саждево, Норово, Алданци и Свето Митрани и со тоа полека го менуваме изгледот на населените места кои треба да се развиваат паралелно со градот. Вложивме 5 милиони денари за оваа намена, а од наредната година продолжуваме уште поинтензивно со  реконструкција на улици и патишта.

 

Преку Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот поставивме нова вештачка трева на полетиштето на Мечкин Камен со што значително ги подобривме условите за летање на параглајдери и змаеви. Оваа активност беше само вовед во одржување на досега најголемото 16-то Светско првенство во параглајдинг. Покрај уредување на полетиштето на Мечкин Камен оспособивме уште две полетишта за во 2021 година да бидеме домаќини на Светското првенство во змајарство.

 

Кога сме кај туризмот морам да напоменам дека ние сме првата општина која го доби Проектот за локална и регионална конкурентност на ЕУ и Светска Банка, а имплементиран во соработка со централната власт, вреден 500.000 евра. Овој проект беше прогласен и за пот-проект на годината од страна на Светска Банка.

 

Имплементација на проектот „Кругот на адреналинот – развој на авантуристички туризам во Крушево“ е во завршна фаза и во рамки на истиот посетивме два меѓународни саеми за туризам во Белград и Софија каде што се промовираше Крушево како светска дестинација. Потоа, пристапивме кон реконструкција на објектот позади мене, спортската сала која беше во исклучително лоша состојба со проширување на нејзината намена, поставување на карпа за искачување и набавка на опрема за сите спортови. Денес добиваме спортска сала оспособена за спортски припреми и содржини за авантуристички туристи и веќе започнува да добива внимание надвор од државата.

 

Претходно споменав дека преку проектот набавивме минибус за превоз на параглајдеристи и АТВ за спасувачката службата, а организиравме и обука со цел подобрување на капацитетите на спасувачката служба. Оваа завршна фаза од проектот вклучува и изработка на брошури, мапи и веб страница и апликација заедно со постојана промоција на Крушево. Резултатите се очигледни – во 2018 имаме 50 отсто повеќе ноќевања во споредба со 2017, а бројот на туристи се зголемува и во првите 8 месеци од годинава со раст од 25 отсто. Крушево станува светска дестинација за туризам и сметам дека во наредните две години можеме уште многу да направиме заедно.

 

Обележавме и 4 велосипедски патеки во должина од 42 километри и на тие патеки ги одржавме велосипедските трки во рамки на Проектот за авантуристички туризам на кои доделивме два велосипеди набавени преку истиот проект.

 

Особено ми е драго за санацијата и ставањето во функција на летната сцена, едно место кое има многу спомени за крушевчани и огромната посетеност на отворањето на Сцената на 5-ти август покажува колку ова место ни недостигало на сите нас.

 

Општина Крушево е прва општина која го доби приматот Супербрендс во областа на туризмот во конкуренција на 1.200 компании, оценувана од 5.000 потрошувачи и стручно жири. Супербрендс е уште едно признание за резултатите што ги постигнавме во туризмот и истовремено показател дека сме на прав пат во нашата работа.

 

Завршува реконструкцијата на горната училишна зграда. Го зачувавме нејзиниот лик, го реконструиравме внатрешниот дел од зградата и наша цел во иднина е овој објект да биде младински културен центар – место каде младите и невладините ќе работат и ќе придонесуваат за општината.

 

Кога зборуваме за надвор од градската средина, морам да напомена дека  ја завршивме првата фаза од проектот за зафаќање на води во „Опаленик“ и ја проширивме индустриската зона за два нови инвеститори. Во годишниот план за финансирање на Министерството за животна среднина е внесено и финансирање на втора фаза од проектот за зафаќање на води и негова целосна имплементација.

 

Во населените места реализиравме исто така многу. Селата, особено беа заборавени од претходните власти и затоа тамошните граѓани се соочуваат со основни проблеми кои не доликуваат на општество од 21 век. Денес реализираме проекти ветувани со децении и верувам дека до крајот на мојот мандат ќе можеме да решиме голем број на проблеми.

 

Го изградивме резервоарот за вода во с. Борино, проект ветуван 30 години. Покрај ова за Борино беа обезбедени нови клупи и столчиња за подрачното население, а во ова населено место и на територија на цела општина се чистеа одводни канали во должина од 8 километри.

 

Го асфалтиравме патот кон с. Јакреново и денес место кал, прашина и пат од 19 век имаме асфалт по кој ќе се движат луѓето од ова и од соседните населени места. Овој пат не е саниран уште од 1994 година, а денес сограѓаните имаат асфалт.

 

Заедно со Пелагониско планскиот регион тампониравме патеки до земјоделски површини во Пресил, Врбоец, Саждево, Алданци и Борино во вкупна должина од 3 километри.

 

Во Саждево реконструиравме дел од водоводната мрежа, а деновиве започнуваме со работа на цевководот – проект вреден над 2 и пол милиони денари. Во ова село, како и во сите други со подрачни училишта извршивме санација на училиштата за подобри услови на учениците.

 

Во село Бучин покрај чистењето на јазот оспособивме и градинка.

 

Во изминатите две години инвестиравме многу во јавната хигиена, во спортот и во младите. Покрај новиот камион за отпад во неколку наврати обезбедивме донации на корпи за отпад, контејнери, меѓу кои и за стакло, и организиравме многу акции за чистење со поддршка на неколку амбасади.

 

Ја изработивме првата стратегија за млади и активно даваме финансиска поддршка на спортските клубови. Денес фудбалскиот клуб Питу Гули испишува историја и после децении во Крушево гледаме второлигашки фудбал, а младите пинг понгари се враќаат од секој државен натпревар со медал, а од скоро и од меѓународниот натпревар во Шведска со два пехари. Голема перспектива имаат скијачите, младите одбојкарки се многу надежни и ќе продолжиме да ги поддржуваме. Целосно транспарентно преку спроведен јавен повик доделуваме средства и на спортските клубови и на здруженијата на граѓани од Крушево, нешто што не се случувало досега.

 

Мојот тим во општина Крушево се состои претежно од млади луѓе и тоа сакам да биде пример за сите. Имаме квалитетни млади кои имаат што да придонесат за нашето место на живеење.

 

Ова е дел од она што го реализиравме од 25 октомври 2017 до денес. Сите проекти се важни за граѓаните и помагаат општината од сите аспекти да се развива. Но, што е она што е во тек и што претстои? Кои се нашите планови и на што ќе се фокусираме во преостанатите две години?

 

Започнуваме со изградбата на вечното почивалиште на Тоше Проески. Со асистенција на владата обезбедивме средства и ја спроведивме целосната процедура за денеска конечно Тоше да добие достојно почивалиште.

 

Во тек е уредување на просторот и асфалтирање на патот кај стадионот Езеро, спортските игралишта се до Крушевско езеро. Овој дел е од големо значење за туризмот во градот, за настаните, натпреварите и спортските подготовки кои се одржуваат тука. Гумење е едно историско место кое заедно со спомениците, музеите и инфраструктурното уредување полека го враќа сјајот од минатото и затоа оваа инвестиција е од суштинско значење.

 

Имаме изработено проекти за улиците и патиштата во Крушево и очекуваме нивна реконструкција, а во тек е изработката на деталниот урбанистички план, а ќе работиме и на генералниот преку што ќе создадеме развојна зона и зона за домување во Крушево за нови градби и нови инвестиции.

 

Нашите проекти опфаќаат реконструкција на улиците Киро Фетак – Нико Доага, односно од Средсело кон поранешна Сувенирка, потоа дел од Партизанска, кај пекарата Мутка и од црквата Св. Троица се до хотел Монтана Палас, односно до местото на спојување со регионалниот пат кон Демир Хисар. Овие проекти се поднесени до Светска Банка за финансирање и од на пролет очекуваме нивна реализација.

 

Очекуваме и започнување со реконструкција на патните правци од Кривогаштани и кон Сладуево, нешто што е одамна ветувано, но еве конечно успеавме да го финализираме овој процес. Исто така, замногу брзо започнуваме и со реконструкција на патот кон Пуста Река.

 

Во тек е набавка на камион за чистење и метење – метларка која ќе служи за детално и поефикасно чистење на јавните површини и хидраулична косилка која ќе биде поставена на новиот трактор.

 

Дополнително, покрај сегашните донации од корпи и контејнери очекуваме дополнителен број на корпи за отпад и набавка на 21 контејнер. Се со цел унапредување на јавната хигиена и во градот и во населените места, паралелно со подигање на свеста кај граѓаните, особено кај најмладите.

 

Во населените места не очекува почеток во изградба на фекална канализација прва фаза во Норово, а локалниот пат Стопанство – Норово е пренаменет во регионален пат и владата го зема под целосна нејзина надлежност. Во Алданци очекуваме почеток на изградбата на детско игралиште во дворот на училиштето.

 

Потоа, отпочнува изградба на цевковод во Саждево во должина од 2,3 километри, а во тек е изработка на урбанистички планови за селата. Скоро објавивме дека обезбедивме средства за изградба на резервоар за вода во с. Белушино, така што и ова ветување ќе се реализира, а во подготовка е проект за решавање на проблемот со водоснабдувањето во Јакреново. Во тек е изработка на проекти за улици и патишта во населените места Саждево и Јакреново кои по изработката ќе бидат аплицирани за нивна реализација. Важно е што општината се подготвува со проекти за да може веднаш да аплицира за реализација штом излезе таква можност.

 

Во тек се уште два големи проекти, а тоа се асфалтирање на пат кон село Саждево во должина од 2,5 километри и реконструкција пат од Борино до Житоше.

 

Во градот и населените места не очекуваат уште многу проекти. Решени сме да го измениме Крушево целосно и тоа го правиме. Крушево полека станува убаво место за живот, привлечно место за туристите и ја враќа историската вредност од минатото. Наша заедничка визија е Крушево да го видиме изградено, со улици, патишта, реконструирани и нови градби, водоводи, канализации и друго. Сакам заедно да работиме, да разговараме за проблемите и секогаш на ум да ја имаме заедничката цел – поубава, подобра и општина Крушево со иднина пред себе затоа што општина Крушево е општина на сите“, кажа Христоски.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи