Во среда, на 13 ноември, во Градската Библиотека „Борка Талески“ во Прилеп со почеток од 14 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Утро во Франкфурт“ од Мирјана Стојановска. Промоцијата се одржува како централен дел на книжевно-сценскиот, музички и ликовен перфоманс „Поетски хоризонти“ што се реализира во рамките на Новиот културен бран на Министертвото за култура, во организација на Здружението за наука и култура „Нова“ од Битола.
Книгата „Утро во Франкфурт“ од Мирјана Стојановска содржи 45 кратки раскази поврзани во патеписна целина, инспирирани од престојот на писателката Мирјана Стојановска на Меѓународниот саем на книгата во Франкфурт минатата година. Книгата ќе биде промовирана во форма на интервју, а со свои прашања интерактивно ќе може да се вклучи и публиката. Расказите сценски ќе ги изведат актерките од алтернативниот театар од Битола-Ана Жежовска и Симеона Павловска. Музичкиот дел ќе го реализира познатиот солист Драган Микаровски со познати класични дела. Исто така, во рамките на овој настан ќе биде поместена изложба на ракотворби, везови и резби.
Мирјана Стојановска од Битола, е член на Друштвото на писателите на Македонија. од 2007 година. Беше прв претседател на Клубот на писателки на Р. Македонија „Даница Ручигај“ при ДПМ во периодот од 2014 до 2018 година. Во три мандати, беше член на претседателството на ДПМ. Автор е на 9 книги поезија: „Хроносот на зборот“(1995), „Двобој со тишината“(2000), „Заѕидана врата“(2017), „Крст, триаголник и круг“(2013), „Оксиморонот на мојата пеперутка“(2014), „Џез во двокреветна соба“(2015), „Бегалци од својот дом“(2017), „Судбината на буквите“(2018) и книгата кратки раскази “Утро во Франкфурт“ (2019). Приредувач е на 5 книги: „Поетиката во македонската женска поезија“(2014), двојазичниот зборник „Битолска поетска разгледница“(2015), „Поетски пораки за мир“(2017), „Мојата татковина-мој дом“(2016) и Зборникот „Битола во стиховите на младите автори“(2019). Со песни и книжевни критики е застапена во македонски и меѓународни списанија. Учествува на книжевни манифестации и саеми на книгата во земјата и странство: Трипати е учесник на меѓународниот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“ во Охрид, на „Празникот на липите “во Скопје, на „Рациновите средби“ во Велес, во Струга и во Радовиш. „Нејзини книги се промовирани на Саемот на книгата во Скопје (2013 и 2017година) како и на Меѓународниот саем на книгата во Белград (2017), на Саемот на книгата во Франкфурт (2018 ) и на Меѓународна книжевна манифестација на Корчула, Хрватска (2019).
Дел од нејзината поезија е преведена на германски, англиски, романски, српски и албански јазик.