Веќе една недела молк од градоначалникот Илија Јованоски на нашите прашања за тоа што се гради во градскиот пазар во Прилеп. Во нивни стил, како што и доликува на ваков башибозук на власт се закануваат со пријави за навреда на угледот и честа, кои патем ги изгубија многу одамна пред јавноста, рече на денешната прес конференција претседателот на ОК ВМРО-ДПМНЕ Петар Ристески.
Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.
„Една недела Јованоски молчи за прашањата кој и што гради во градскиот пазар и дали пред очите на сите граѓани тука ќе никне хотелско сместување?
Јованоски не кажува дали изградба на ваков објект е предвидена со урбанистичките планови на општината?
Дали постои градежна дозвола и дали се испочитувани сите законски процедури за градба?
Како е возможно инспекциските служби на општината експресно да реагираат и да отстрануваат скелиња за тутун и други објекти од јавните површини, а за градбата во градскиот пазар сеуште да нема детално објаснување што и како се гради?
Почитуван градоначалник, ве прашуваме, што е срамно да се излезе јавно пред граѓаните и да се даде одговор на овие прашања?
Целата јавност е сведок и се прашува што се случува во градот, само вие никако да соберете храброст и доблест и да се соочите со граѓаните.
Ајде барем еднаш во овие две години додека сте на власт испочитувајте ги оние кои пред избори ги молите за гласови и им ветувате се’ и сешто.
Во спротивно оставате сомнеж дека зад ваквите објекти се кријат низа нерегуларности и можност за кршење на законите и законските процедури.
ВМРО-ДПМНЕ овие прашања ќе ги актуелизира и пред Инспекцискиот совет на Република Македонија, како и пред сите останати надлежни институции.
На ваков начин како вас не се гради транспарентна и отворена општина како што ветувавте.
На ваков начин и со ваков однос се погазува волјата на граѓаните и се злоупотребува власта.
Уште еднаш ве предупредуваме, внимавајте! Внимавајте затоа што доаѓа власт која нема да простува и сите вакви случаи ќе бидат детално разгледани, а одговорноста и правдата ќе го стигне секој оној кој се огрешил пред законот“, рече Ристески.